„Плазма - Спортските игри за деца“ стануваат дел од нашата држава, преку спортот досега обединети речиси два и пол милиона деца
- Северна Македонија станува дел од „Плазма - Спортските аматерски игри за деца“, кои во изминатите години обединија повеќе од два и пол милиона деца од неколку држави. Најдобрите ќе бидат дел од финалните натпревари што ќе се одржат во август годинава во Сплит. Иницијативата трае веќе 27 години, а во неа вклучени се деца од Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија и од Словенија. Целта е да се почувствува вистинската вредност на спортот и преку него децата да се учат на вистинските вредности во животот.
Скопје, 27 февруари 2026 (МИА) - Северна Македонија станува дел од „Плазма - Спортските аматерски игри за деца“, кои во изминатите години обединија повеќе од два и пол милиона деца од неколку држави. Најдобрите ќе бидат дел од финалните натпревари, што ќе се одржат во август годинава во Сплит.
Иницијативата трае веќе 27 години, а во неа се вклучени деца од Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија и од Словенија. Целта е да се почувствува вистинската вредност на спортот и преку него децата да се учат на вистинските вредности во животот.
На денешното потпишување на договорот меѓу меѓународната платформа „Спортски игри за млади“ и Федерацијата на училишните спортови присуствуваа и премиерот Христијан Мицкоски и министерот за спорт, Борко Ристовски.
- Првпат сме во Македонија и веруваме дека ова ќе биде чекор напред. Сакам да ги повикам децата да учествуваат и преку спортот да запознаат многу пријатели. Најдобрите ги очекуваме на најдоброто финале во Сплит - рече претседателот на „Плазма - Спортските игри“, Здравко Мариќ.

Според премиерот Мицкоски, со ваквиот чекор земјава прави синегрија меѓу младите и спортот.
- Важно е да ги научиме младите дека иднината е во нив. Можам да зборувам како неуспешен спортист, но спортот остана секогаш во мене и затоа како Влада првпат формиравме Министерство за спорт. Мислам дека полека, но сигурно ги поминуваме успешно првичните предизвици и почнуваме да функционираме - рече Мицкоски говорејќи за себе како кошаркар, кој животот го насочува на поинаква патека. бак/паг/

Фото: Принтскрин