• петок, 05 декември 2025

Пињо: Фон дер Лајен ќе се сретне со Де Вевер, можно е да разговараат за заемот за репарации за Украина

Пињо: Фон дер Лајен ќе се сретне со Де Вевер, можно е да разговараат за заемот за репарации за Украина

Брисел, 14 ноември 2025 (МИА) – Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во рамки на редовните консултативни состаноци со европските лидери, попладнево ќе се сретне со белгискиот премиер Барт де Вевер и на средбата ќе бидат опфатени неколку теми, најави главната портпаролка на ЕК, Паула Пињо. 

На прашање дали средбата ќе стане збор за противењето на Белгија на користењето на замрзнатите руски средства за т.н. заем за репарации за Украина, Пињо изјави дека нема детали за конкретните теми за кои ќе разговараат Фон дер Лајен и Де Вевер. 

- Веќе подолго време кажуваме дека се водат дискусии на сите нивоа со белгиските власти за заемот на репарации, па затоа не е изненадување ако за таа тема се дискутира и на денешниот состанокот меѓу премиерот и претседателката Фон дер Лајен, рече Пињо на денешниот брифинг во ЕК.  

На забелешката дека „изгледа смешно тоа што се преправа“ дека состанокот не е стриктно за користењето на замрзнатите руски средства за исплата на финансиска поддршка на Украина на што се противи Белгија, Пињо изјави дела „апсолутно не се преправа“. 

- Она што го кажав е дека на оваа средба треба да се гледа како на дел од редовните состаноци што ги имаат претседателката и премиерот. Од самиот почеток е многу јасно дека ќе направиме се што можеме за да ги разјасниме прашањата што би можеле да дојдат од страна на белгиските власти за заемот за репарации, а затоа се и контакти на сите нивоа, додаде Пињо. 

Според неа, овие разговори се во рамки на тековните дискусии околу заемот, што се започнати уште пред октомврискиот Самит на ЕУ и сега продолжуваат во пресрет на следната средба на европските лидери во декември.

Планот за користење на замрзнатите руски средства за финансиска поддршка на Украина, ЕК го предложи на Самитот на ЕУ во октомври, но европските лидери не постигнаа консензус за одобрување на предлогот поради противењето на Белгија.

Најголемиот дел од овие руски суверени средства или околу 175 милијарди евра се депонирани во клириншката куќа „Еуроклир“ со седиште во Брисел, додека уште околу 25 милијарди се чуваат во други земји членки, пред се Германија, Франција и Луксембург. 

Белгиската Влада стравува дека користењето на овие средства би можело да го нарушил угледот на Белгија како сигурен депозитар и да резултира со повлекување на депонираните странски средства во земјата, па затоа бара гаранции од земјите членки за споделување на заедничка финансиска и правна одговорност за ваквата постапка. сп/мс/

Фото: МИА Архива 

Остани поврзан