Петрушевски за оставката на Коцевски: Се става крај на еден мрачен период, во кој Обвинителството беше перципирано како партизиран механизам
- За првпат и самиот обвинител го признава тоа што целата јавност го кажуваше - дека Јавното обвинителство не може да продолжи да функционира со изгубен легитимитет, под товар на политички влијанија и со селективна правда. Ова го истакна денеска на прес-конференција, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, во врска со оставката на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски.
Скопје, 16 декември 2025 (МИА) - За првпат и самиот обвинител го признава тоа што целата јавност го кажуваше - дека Јавното обвинителство не може да продолжи да функционира со изгубен легитимитет, под товар на политички влијанија и со селективна правда. Ова го истакна денеска на прес-конференција, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, во врска со оставката на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски.
-Фактот што оваа оставка доаѓа дури сега, а не уште од првиот ден кога беше очигледно дека институцијата е компромитирана, само дополнително ја потврдува длабочината на проблемот и обидите со месеци да се одржи статус кво кое служеше на поранешната власт. Со оваа оставка се става крај на еден мрачен период, во кој Обвинителството беше перципирано како партизиран механизам, а не како независна институција во служба на законот. Тоа е јасен сигнал за крајот на практиките на заштита на поранешната власт на СДС и ДУИ и почеток на процесот на департизација и европеизација на јавнообвинителската дејност, додаде пратеникот.
Тој рече дека оставката на Коцевски не е персонално, туку единствено системско решение. Кажа дека ова била јасна порака дека никој не е недопирлив.
-Порака дека одговорноста е неминовна, а правдата доаѓа. Ова не е крај, туку почеток. Почеток на демонтажата на заробените од СДС и ДУИ институции. Дополнително, дали преку обвинител кој има некакви релации или пак директни релации, се координирале меѓусебно, додека ги штитеше криминалците од СДС и ДУИ? Дали затоа и чекаше оставката да биде на последниот ден кога ќе биде разрешен за да им купи време на неговите наредбодавци? Исто така, дали е точно дека група обвинители на чело со Коцевски заташкуваа преку 40 случаи на висока корупција против корумпираните функционери на СДС, ДУИ и други партии? Почеток на вистинска, неселективна правда, нагласи пратеникот.
ВМРО-ДПМНЕ, додаде тој, ќе инсистира овој момент да биде преточен во конкретни и суштински реформи што ќе обезбедат независно, професионално и департизирано Обвинителство, како што истакна, во интерес на граѓаните и владеењето на правото. бд/вј/
Фото: МИА