Со проекција на филмот „Воведение во храмот“ почнува 10. Меѓународен фестивал „Богородичен покров“
- Свеченото отворање на фестивалот е вечер во 19 часот во Соборниот храм „Св. Климент Охридски“ во Скопје, по што стартува фестивалската програма со проекција на рускиот документарен филм „Воведение во храмот“, во продукција на „Студио неофит“. Филмот во времетраење од 38 минути го истражува потеклото и духовното значење на празникот и историјата и традициите на овој патронен празник на манастирот на Оптинската пустина.
Скопје, 5 декември 2025 (МИА) - Десетото издание на Меѓународниот филмски фестивал за духовни и хумани вредности „Богородичен покров“ ќе се одржи од денеска до 14 декември во Скопје, со проекции на документарни и долгометражни филмови посветени на културното, духовното наследство и хуманоста, како и форуми за хумани вредности.
Свеченото отворање на фестивалот е вечер во 19 часот во Соборниот храм „Св. Климент Охридски“ во Скопје, по што стартува фестивалската програма со проекција на рускиот документарен филм „Воведение во храмот“, во продукција на „Студио неофит“. Филмот во времетраење од 38 минути го истражува потеклото и духовното значење на празникот и историјата и традициите на овој патронен празник на манастирот на Оптинската пустина.
Според програмата, утре во соборниот храм „Свети Кимент Охридски“ во 16 часот ќе се одржи форум за хуманитарни вредности „Знаењето е здравје“, по што ќе биде прикажан документарниот филм „Успение на Пресвета Богоридца“, во времетраење од 39 минути. Филмот е снимен во Псковско-Печевскиот манастир, наречен „Свето Успение“ и е посвеен на Успението на Мајка Богородица, познат и како „Велигден на Богородица“.
Фестивалската програма во наредните денови од 8 до 14 декември ќе се одржува на Европскиот универзитет и ќе бидат прикажани долгометражниот филм „Варава“, документарецот „Раѓање на Богородица“, документарно-играниот филм „Светиот Арипелаг“, како и документарците „Приказни од Атос“, „Стела“, „Доброчинител“.
Фестивалот се одржува со благослов на Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан и почесниот претседател на фестивалот митрополитот на Дебарско-кичевската епархија, г. Георгиј. Посветен е на духовните, хумани и културни вредности и е единствен од ваков жанр во државава.
Посетителите ќе имаат можност да се поклонат на чудотворната икона на Пресвета Богородица „Небесна Царица“ која митрополитот преспанско пелагониски г. Петар, ја отстапи од Битола во Соборниот храм да се целива во чест на фестивалот „Богородичен покров“. Влезот е слободен, а учеството треба да се пријави на мејлот bogorodicenpokrov@gmail.com. На секој кој ќе испрати мејл по завршување на фестивалот ќе му бидат споделени во електронска форма цитати од Божјите ветувања за исцеление запишани во Библијата и во псалмите кои се исцелителни молитви, вели во најавата основачот и директор на фестивалот Зорица Костовска.
На затворањето на фестивалот, на 14 декември ќе биде прикажан долгометражниот игран филм „13-от ДЕН“, историска драма во продукција на „13 DAY“ Films од Обединетото Кралство.лв/са/
фото: Фестивал „Богородичен покров“