• петок, 16 јануари 2026

Патиштата и граничните премини во Грција остануваат отворени во пресрет на средбата на земјоделците со Мицотакис в понеделник

Патиштата и граничните премини во Грција остануваат отворени во пресрет на средбата на земјоделците со Мицотакис в понеделник

Атина, 16 јануари 2026 (МИА) – Во пресрет на средбата со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, закажана за понеделник, земјоделците нема да ги блокираат патиштата и граничните премини, но тракторите ќе останат паркирани на блоковите, онаму каде што се веќе речиси 50 дена, јави дописничката на МИА од Атина.

Да останат отворени патиштата и автопатиштата е еден од предусловите поставени од Владата за средба со земјоделците, а портпаролот на грчката влада, Павлос Маринакис, на вчерашниот редовен брифинг со новинарите посочи дека, освен тргање на блокадите, предуслов е и на состанокот да не учествуваат земјоделците што покажале деликвентно однесување.

- Мислам дека предусловите не се страшни, туку се подразбираат. Целта не е некој да излезе како победник од ова, она што има вредност е луѓето да добијат нешто повеќе за нивниот сектор, во конкретниот случај - земјоделците и сточарите. Ние се стремиме кон средби и како што гледате покажуваме добри намери под предуслов да се почитуваат условите, особено условот да останат отворени патиштата за да се реализира следната средба - посочи Маринакис.

Состанокот на земјоделците со Мицотакис ќе се одржи в понеделник во 13 часот во премиерската палата во Атина, ќе учествуваат 25 претставници на земјоделците, сточарите, рибарите и пчеларите, како и петмина набљудувачи.

Земјоделците информираа дека на состанокот ќе поднесат 14 барања.

По средбата, во вторник попладне земјоделците ќе одржат состанок за да го разгледаат исходот од разговорите со грчкиот премиер.

Мнозинството од грчките земјоделци, кои протестираат од 30 ноември, во вторникот одбија да се сретнат со Мицотакис, бидејќи, како што рекоа тогаш, не беа исполнети нивните предуслови за состанокот, но по интерниот состанок во средата, одговорија позитивно на поканата за дијалог.

Според најавите, се очекува сè до средбата в понеделник да нема затворање на автопатиштата и граничните премини, а тракторите, како и досега, да останат паркирани на блокадите.

Грчкиот премиер во вторникот се сретна со претставници на речиси 18 земјоделски блокови од целата земја, односно со оние што уште од минатиот месец се одвоија од другите земјоделци и побараа дијалог со владата. ср/ми/

Фото: Архива МИА

Остани поврзан