Парични награди за најуспешните средношколци во Делчево
- Најуспешните средношколци добија по 10 000 денари од градоначалникот на Делчево, Иван Гоцевски.
Делчево, 22 јануари 2026 (МИА) - Градоначалникот на Општина Делчево, Иван Гоцевски, денеска ги награди најуспешните средношколци од градот, доделувајќи им по 10 000 денари за постигнати резултати на државни натпревари.
Паричната награда ја добија учениците Лука Стоименовски и Ива Цонева од СОУ „М.М. Брицо“, кои освоија второ место на државните натпревари по италијански јазик и по географија.
На средбата со наградените ученици и директорката на училиштето, Марина Синадиновски, градоначалникот Гоцевски разговараше за состојбите и предизвиците во средното образование, како и за можностите за дополнителна поддршка и унапредување на резултатите на учениците.
- Исклучително го ценам секој успех на нашите ученици. Делчево има талентирани млади луѓе кои заслужуваат да бидат препознаени, наградени и мотивирани да продолжат со успесите, изјави Гоцевски.
Од Општина Делчево информираат дека буџетот за образование за 2026 година е зголемен за 250 илјади денари, средства кои ќе бидат насочени кон поддршка на талентирани ученици. Воедно, зголемени се и општинските стипендии и награди, а првенците на генерацијата ќе добиваат еднократна парична награда.
Јавниот конкурс за доделување стипендии, како што најавуваат од Општината, ќе биде распишан во текот на овој месец. вс/паг/
Фото: МИА