• четврток, 19 март 2026

Папаставру по средбата со Бургум и Рајт во Вашингтон: Енергијата е сила на безбедност, развој и меѓународно влијание

Папаставру по средбата со Бургум и Рајт во Вашингтон: Енергијата е сила на безбедност, развој и меѓународно влијание

Атина, 26 февруари 2026 (МИА) - Енергијата е сила. Сила на безбедноста, сила на развојот и на меѓународното влијание. Продолжуваме напред со национална гордост и самодоверба - истакна министерот за животна средина и енергетика на Грција, Ставрос Папаставру, по средбата во Вашингтон со американскиот секретар за внатрешни работи, Даг Бургум, и секретарот за енергетика, Крис Рајт, јави дописничката на МИА од Атина.

Како што информираа од Министерството за животна средина и енергетика на Грција, во фокусот на разговорите била блиската билатерална соработка во енергетиката, со акцентот на неодамнешните енергетски договори со „Шеврон - Хеленик енерџи“, како и договорите потпишани на конференцијата P-TEC во Атина, а на средбата присуствувале грчкиот амбасадор во САД, Андонис Александридис, и американската амбасадорка во Грција, Кимберли Гилфојл.

- Средбата со министрите, кои се на чело на Советот за енергетска безбедност на Соединетите Американски Држави, Даг Бургум и Крис Рајт, ја потврди стратешката врска меѓу двете земји во областа на енергијата. Грција го отвори патот за вертикалниот коридор - значајна иницијатива со геополитичко влијание, што беше препознаена и од 22-те земји што вчера учествуваа на конференцијата организирана од Белата куќа - рече Папаставру.

Додаде дека Грција денес е „влезна точка за американскиот природен гас и кредибилен центар на енергетска безбедност“, а во иднина има амбиција да го развие секторот на јаглеводороди и да произведува природен гас. ср/јт/

Фото: Министерство за животна средина и енергетика на Грција

Остани поврзан