Откриена спомен-биста на Илија Димовски - Гоче во Алејата на великаните на на градските гробишта Бутел
- Во алејата на великаните на градските гробишта Бутел во Скопје денеска беше одржана комеморација со откривање на спомен-биста на Илија Димовски - Гоче, командант на Првата македонско-егејска ударна бригада на Народно-ослободителната војска на Македонија.
Скопје, 4 ноември 2025 (МИА) - Во алејата на великаните на градските гробишта Бутел во Скопје денеска беше одржана комеморација со откривање на спомен-биста на Илија Димовски - Гоче, командант на Првата македонско-егејска ударна бригада на Народно-ослободителната војска на Македонија.

Со благослов на архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, панихида отслужија свештеници на МПЦ-ОА. За животот и делото на Илија Димовски Гоче зборуваше Ицо Најдовски Перин од Мелбурн, Австралија.

Во соопштението од организаторите се вели дека „една благородна иницијатива на Здружението на Сетинци, Попадинци и Крушоради од Лерин во Македонија, Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија МАКЕДОН, Форумот за човекови права на Македонците од Егејскиот дел на Македонија и Светскиот Македонски Конгрес, со донација на Македонците во Австралија и Канада, заврши со реконструкција на гробното место на легендарниот командант Илија Димовски Гоче“.

Од запустен и од речиси сите заборавен гроб, со финансиска поддршка на Македонци од Австралија и Канада, вечното почивалиште на Илија Димовски Гоче во алејата на великаните на градските гробишта Бутел добива уредено гробно место со спомен-биста за вечен помен и спомен на еден прекален Македонец, борец од Втората светска војна, се посочува во соопштението.
Во својот говор, иницијаторот за поставување на споменикот, Ицо Најдовски Перин истакна дека, според него, Гоче зазема трето место во македонската историја, после Делчев и Ченто. Тој додаде и дека 4 ноември, денот на ослободувањето на Битола кога Гоче влегува во градот и ден кога е поставен овој негов споменик, ќе се одбележува секоја година. /дј