• петок, 21 февруари 2025

Отворен ЕДИХ - прв европски дигитален иновациски хаб во државава

Отворен ЕДИХ - прв европски дигитален иновациски хаб во државава

Скопје, 31 јануари 2025 (МИА) - Во Центарот за трансфер на технологии и иновации ИНОФЕИТ на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) на УКИМ денеска ќе беше отворен ЕДИХ - прв европски дигитален иновациски хаб во државава. 

ЕДИХ ќе им помага на компаниите во дигиталната трансформација, поттикнувајќи на иновации, зголемена продуктивност, полесно справување со предизвици, пристап до ЕУ-финансирање. Компаниите може да го користат хабот за да добијат неопходни информации, експертиза, инфраструктура и директна поддршка во реализација на нивните иновативни бизнис-идеи, а до иновацискиот хаб ќе може да се обратат и институции од јавниот сектор за да обезбедат поефикасна и потранспарентна испорака на услуги кон граѓаните.

ИНОФЕИТ ЕДИХ е дел и од Реформската агенда 2024-2027, а МОН обезбедило кофинансирање на половина од потребните средствата за негово отворање, што е воедно и услов за да се повлечат дополнителни ЕУ-средства од Планот за раст.

Честитајќи им на упорноста и ангажманот на професорите Димитар Ташковски и Владимир Атанасовски од ФЕИТ да го направат функционален овој центар, министерката Весна Јаневска кажа дека очекува македонскиот хаб многу скоро да се најде на листата наградени од ЕДИХ европската мрежа, што ќе значи дека на квалитетен начин ги реализира целите за кои е основан.

-ИНОФЕИТ ЕДИХ треба да ја олесни дигиталната трансформација на бизнис-секторот, од една страна, и на јавниот сектор од друга страна. Овој хаб треба да биде нашата точка на контакт со Европа во делот на пренос на знаења, партнерства, можности за финансирање со цел поддршка на најпотенцијалните бизниси, идеи и истражувања, за да можат да се развијат и да бидат меѓународно конкурентни, истакна  министерката.

Таа изјави дека „ова е голем ден за Македонија“ затоа што институциите на државата, науката и луѓето од приватниот сектор „конечно се обединија да направат нешто што нуди просперитет на оваа држава“. Очекува дека вакви хабови „ќе се множат“ и дека конечно, како што рече, „тргнуваме кон нешто што е навистина сериозно и ќе неправи промена во нашата држава“. 

Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски посочи дека проектот е планиран повеќе од една година за да се аплицира и да се добијат средствата. Поддржан е од Европската Унија преку проектот на „Дигитална Европа“, од Владата со преку 60 милиони денари распределени во три години, како и од конзорциумот кој е составен од приватниот сектор, високообразовните институции и коморите. 

Како што рече, ЕДИХ ќе поддржува иновации во дигитализацијата, во тестирање продукти во дигиталниит свет, дигитална трансформција на малите и средните претпријатија и очекува дека ќе успеат да поттикнат нови компании да ги менуваат своите работни процеси и да се дигитализираат.

-Се надевам дека на овој начин ќе може вистински да поддржуваме иновации, а не како до сега. Станува збор за навистина креативен и иновативен потфат кој ќе значи поддршка на вистинските иновации, а не криминални иновации во иднина. Се надевам дека во наредниот период ќе имаме можност да формираме вакви центри од различна големина и различен фокус во различни сектори низ целата држава за географски да ја покриеме целата држава со ваков профил на активности или, пак, овој иновациски центар да го прошириме со неговиот ангажман, не само во градовите од каде што доаѓаат конзорциумските партнери, туку да го прошириме и повеќе, додаде Андоновски. хс/са/

Фото/видео: МИА 

 

 

Остани поврзан