Општина Струмица и „Завод и музеј“ потпишаа Меморандум за соработка
- Со овој документ официјално се воспоставува партнерство меѓу двете институции со цел зајакнување на заштитата, промоцијата и валоризацијата на културното наследство на Струмица и регионот.
Струмица, 25 ноември 2025 (МИА) - Во просториите на Општина Струмица, денеска потпишавме Меморандум за соработка со директорот на НУ „Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј Струмица“, Бранко Ѓоргиев, објави на неговиот фејсбук профил градоначалникот Петар Јанков.
Според него, со овој документ официјално се воспоставува партнерство меѓу двете институции со цел зајакнување на заштитата, промоцијата и валоризацијата на културното наследство на Струмица и регионот.
-Во рамките на соработката се предвидува заедничка подготовка и реализација на проекти, истражувачки иницијативи, едукативни програми, јавни настани и активности за подигнување на свеста кај граѓаните за значењето на културното наследство. Дополнително, ќе се разменуваат стручни знаења, професионални ресурси и добри практики за унапредување на локалните политики во областа на културата, се наведува во објавата на Јанков.
Додава дека овој Меморандум претставува важен чекор кон долгорочна институционална соработка и поголема заштита и зачувување на богатото културно наследство во Струмица. рт/дма/
Фото: ФБ Петар Јанков