• петок, 21 февруари 2025

Општина Велес меѓу првите во земјава добива паметно ЛЕД осветлување по примерот на европските градови

Општина Велес меѓу првите во земјава добива паметно ЛЕД осветлување по примерот на европските градови

Велес,22 јануари 2025 (МИА) - Во рамките на проектот „Модернизација на јавното осветлување“ во Велес и населените места во општината во  наредните 60 до 90 дена  постоечките  натриумови жолти улични светички ќе бидаат заменети со 4.695 нови паметни ЛЕД светилки кои се бренд  на европските градови, изработени од фирата „Шредер“. Светилките се со висок квалитет и стандард со кои ќе се постигне значителна заштеда на електричната енергија, намалување на трошоците за одржување и заштита на животната средина,а граѓаните ќе добијат подобро осветлување на улиците и тротоарите.

Проектот вреден 90 милиони денари кој ќе се исплатува на 36 рати е инвестиција на Општина Велес, а работите ги изведува Македонски Телеком. Како што информира на денешната прес конференција Марјан Богатиновски главен комерцијален директор за деловни корисници на Македонски Телеком, ова решение ќе и  овозможи на комуналната служба на Општина Велес далечинско управување со системот за осветлување односно вклучување, исклучување и прилагодување на осветлувањето на ЛЕД светилките, автоматски или мануелно. Инаку светилките се од четири вида од 40, 45, 55 и 85 вати, имаат животен век над 100 000 часа  со одличен индекс на репродукција на бои и корелирана боја на светлина што значи дека ќе обезбедат квалитетно осветлување.

Богатиновски појасни дека се вградува и електронска опрема со кои тие далечински ќе се управуваат,а ќе се постават и 92 улични ормари за надгледување и управување на самата електрична енергија,колку и каде се троши и сето тоа ќе биде поставено на софтверски систем на мапи.

-Со тоа вработените од кумуналното одделение на Општина Велес во секое време ќе можат да добиваат преглед на состојбата,каква е потрошувачката на струјата и каде се потребни интервенции,извештаа и во случај мрежата да падне да може брзо да се интервенира,појасни Богатиновски.

Воедно информира дека во нивните мерења каде во изминатите три дена се поставени новите ЛЕД светилки на улиците „Алексо Демниевски-Бауман“ и „АСНОМ“  квалитетот на осветлувањето е подобрен и на улиците и на тротоарите  за 50 насто во однос  на досегашниот стар систем.

Како што посочи градоначалникот Марко Колев, со промената на уличното осветлување очекуваат помеѓу 70 и 75 отсто заштеда на електричната енергија односно на киловати,односно намалување на сметките за 70 до 85 посто.

-Тука треба да појаснам дека станува збор за намалување на ватите,додека сметката за струја не зависи од волтажата туку зависи од берзанската цена којашто секој ден варира од 75 до 300 евра,појасни Колев.

Тој ги замоли граѓаните да се стрпат бидејќи не можат сите светилки да се сменат истовремено.

Воедно информира дека на терен работат две до три екии на Македонски Телеком  и првично ќе биде замената уличните светилки на главните градски улици,потоа на споредните, на сите јавни површини паркови со канделабри и мостови,во приградските населби и во сите населени места во Општина Велес,без разлика на нивната големина.ад/

Фото: 

Остани поврзан