Одбраната на Сараќини: Лиценците имаат важност од една година и во нив не пишува дека може да прима прекумерен број на луѓе и да се внесуваат и користат пиротехнички средства
- Лиценците согласно закон имаат важност од една година, а лиценцата од 2012 година не значела дозвола на „Класик М“ да обавува дејност на друга локација, да биде дискотека наместо кабаре, да прима прекумерен број на луѓе и малолетни деца пред или после полноќ и во истата да се внесуваат и користат пиротехнички средства на недозволен начин. Тоа не го пишува во лиценца и предметната лицената од 2012 година, тврди одбраната на поранешниот Министер за економија Ваљон Сараќини, во својот воведен говор на судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.
Скопје, 10 декември 2025 (МИА) – Лиценците согласно закон имаат важност од една година, а лиценцата од 2012 година не значела дозвола на „Класик М“ да обавува дејност на друга локација, да биде дискотека наместо кабаре, да прима прекумерен број на луѓе и малолетни деца пред или после полноќ и во истата да се внесуваат и користат пиротехнички средства на недозволен начин. Тоа не го пишува во лиценца и предметната лицената од 2012 година, тврди одбраната на поранешниот Министер за економија Ваљон Сараќини, во својот воведен говор на судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.
Издавањето лиценца е предмет на нови постапки и процедура која се повторува независно секоја година. Дозволата издадена во 2012 година одамна престанала да важи и секоја нова лиценца била предмет на нова постапка.
Бранителот на поранешниот Министер за економија Ваљон Сараќини, адвокат Даниел Георгиевски во воведниот збор рече дека веруваат во Судот, во правда и оти чувствуваат должност да ја обелоденат вистината и докажат дека обвинението против Сараќини е правно, фактички и логички неиздржано.
-За нас како одбрана постои само едно едноставно прашање, а тоа е за што е обвинет поранешниот министер за економија кога во 2012 година воопшто не била издадена лиценца за објектот каде 13 години подоцна се случил пожарот. Во 2012 година во Министерството за економија, врз основа на барање издадена е лиценца за вршење угостителска дејност за кабаре за локација на улица „Димитар Влахов“ бб Кочани, што е сосема различна локација од објектот каде се случува кривичн правниот настан во 2025 година, а тоа е улица „Крижевска“ во Кочани. Тоа јасно ќе се презентира и од вештачењето, со што ќе се потврди дека се работи за две сосем различни локации и различно правно лице, изјави Георгиевски.
Според Георгиевски, ниту време, ниту по место и субјекти постои каква било врска меѓу лиценцата која важела од 2012 до 2013 година и трагичниот настан од 2025 година, 12 години подоцна кога објектот воопшто нема активна лиценца.
-Како може да прекршите одредба од закон која воопшто и не постои во закон. За каква каузалност зборуваме овде, за каузалност за лиценца која има рок од само една година важност, за каузалност за објект што неколку пати е реновиран и реконструиран. За каузалност кога во времето на случување на трагедијата објектот воопшто нема активна и важечка лиценца и за каузалност која не го опфаќа периодот од 2014 до 2017 година, а важечки е истиот закон кој го регулира ова прашање, изјави Георгиевски.
Адвокатката Татијана Поповски Буловски, рече дека одбраната ќе презентира докази и ќе докаже дека Сараќини нема било каква вина во однос на трагичниот настан, но и да дадат свој придонес за правда и да се идентификуваат вистинските сторители.
-Издавачот на лиценца, во овој случај Министерството за економија не испитува исполнетост на материјални услови за добивање лиценца, туку испитува постоење на формални услови, односно дали е поднесена бараната документација. Оттука тврдењата дека документацијата во конкретниот случај во 2012 година не била потполна не е точна. Документацијата била потполна, но дали била вистината, на тоа прашање треба да се произнесат барателот „Класик ДМ“ и неговите одговорни лица и инспекторите од ДПИ кои вршеле проверки по тие пријави за исполнетост, а не Министерството за економија, а уште помалку министер, изајви Поповски Буловски.
Случајот, во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени, се води под засилени безбедносни мерки, со присуство на обвинетите, роднини на жртвите и бројни новинари.
Воведни зборови треба да дадат и одбраната на поранешниот министер за економија Крешник Бектеши, претставници од Министерството за економија меѓу кои Џеваир Камбери, Шефкет Хазари, Зоран Николовски, Беким Хаџиу, Арлинда Касапи и Размена Чекиќ Дуровиќ, потоа пазарните инспектори Миле Ампов, Блашка Евтимова, Весна Кузмановска и Емил Митев, а преостанува и воведниот збор на обвинетиот Александар Нацев, сопственик на агенцијата за обезбедување „Рубикон“ чија постапка беше споена со оваа непосредно пред почетокот на судењето.
Обвинителството, застапувано од тим од 15 јавни обвинители, најави дека доказите ќе покажат оти клубот „Пулс“ бил смртоносна стапица уште од самиот почеток, резултат на систематска негрижа и институционални пропусти.
На обвинителна клупа се 37 лица – сопственици, управители, инспектори, поранешни градоначалници, обезбедувачи и државни службеници. аа/ар/
Фото: МИА