• петок, 05 декември 2025

Од Јанта Волеј КВ порачуваат дека се подготвени за предизвикот

Од Јанта Волеј КВ порачуваат дека се подготвени за предизвикот

Скопје, 3.ноември 2025 (МИА) – Македонскиот женски одбојкарски шампион Јанта Волеј Кисела Вода успешно ја мина првата пречка во квалификациите во ЦЕВ Лигата на шампионите, а во рамките од третото коло утре (вторник) од 18 часот, во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје го пречекува францускиот претставник Волеро ле Кане.

Девојките на македонскиот првак ќе се обидат да го искористат домашниот терен за стартна предност за нов европски успех, иако во таборот се свесни дека сега ги очекува многу посериозен противник.

-  Потребна ќе ни биде комплетно нова стратегија во играта. Ние ги анализиравме, но немаме комплетно јасна слика за нив, многу работи ќе бидат познати по првиот меч утре. Секако подготвени сме за предизвикот, иако како и за првите натпревари, така и сега остануваме скромни во изјавите и очекувањата. Волеро е многу поквалитетен противник од Гацко, со многу интернационалки во составот, но тоа е и клуб кој доаѓа од многу поквалитетно првенство, а има и долга традиција во настапите на европската сцена, за разлика од нас. Фокусирани сме на нашата игра, најважно ќе биде девојките да одиграат најдобро што можат, да го дадат максимумот, па ако освоиме сет-два или ако стигнеме до нешто повеќе, се е тоа во наш прилог“ – изјави на прес конференцијата, Никола Јаневиќ, тренерот на Јанта Волеј КВ.

Одбојкарките се подготвени да докажат дека не случајно се радуваа во двомечот со Гацко во претходната рунда.

-  Ние сме задоволни со самиот факт дека испишавме историја, но исто така и свесни дека можеме уште да дадеме. Ме радува што имаме силен противник пред нас, затоа што тоа ќе донесе уште поголема мотивираност за игра на теренот, да се даде максимумот и да се понуди силен отпор. Имаме убава атмосфера, хемија и сплотеност во екипата и зошто да не приредиме изненадување!? Очекуваме и публиката да дојде и да не поддржи во уште поголем број од првиот натпревар. Таа ни беше ветер во грб и мотив и се надевам дека така ќе биде и утре“, вели капитенот на тимот, Тамара Тасевска.

Влезот во СЦ „Јане Сандански“ повторно ќе биде слободен за сите симпатизери на клубот и за сите љубители на одбојката. мн

Фото: ОФМ

Остани поврзан