• сабота, 22 февруари 2025

Обука за средношколци и професори за развој на зелени и претприемачки вештини

Обука за средношколци и професори за развој на зелени и претприемачки вештини

Скопје, 11 февруари 2025 (МИА) - Обука за средношколци и професори за развој на зелени и претприемачки вештини ќе се одржи на 22 февруари на Машинскиот факултет на УКИМ. Учесниците ќе работат со искусни експерти од областа кои ќе ги насочат во процесот на развивање иновативни зелени бизнис концепти.

Еднодневната обука за учениците и нивните ментори ја организираат  Машинскиот факултет и Центарот за извонредност во зелени иновации, во партнерство со Националниот центар за развој на иновации и претприемачко учење, Македонија 2025, Халк банка и Министерството за економија и труд.

Обуката ќе биде подготовка за натпреварот „Најдобар бизнис концепт за зелени иновации 2025“, кој 17-та година по ред го организира Машинскиот факултет за средните училишта, со цел да се развива иновативниот начин на размислување кај младите, да се стимулира тимското решавање на реални проблеми и изнаоѓање креативни решенија, со што се гради претприемачкиот начин на размислување ка средношколската популација.

-Обуката претставува еден од клучните чекори во реализација на целиот Натпревар. Вклучувањето на учениците во обуките за зелени иновации придонесува за личниот развој на учениците и за општествената и економската одржливост на заедницата. Постојат поголем број придобивки за учество на учениците на обуката и натпреварот. Пред сè, ќе развијат подлабока еколошка свест, ќе научат за климатските промени, обновливите извори на енергија и одржливото управување со ресурсите, што ги прави подготвени да придонесат за позелена иднина... Обуките ги инспирираат учениците да развијат претприемачки вештини, да започнат сопствени зелени бизниси или стартапи, со иновативни решенија за намалување на загадувањето и заштеда на енергија. Преку овие обуки, учениците стекнуваат социјална одговорност, учат како нивните секојдневни одлуки влијаат врз животната средина и како можат да направат позитивна промена, се наведува во соопштението. 

Се повикуваат сите заинтересирани средношколци да учествуваат на обуката на 22 февруари и до 18 февруари да се пријават со пополнување онлајн-формулар достапен на веб-страницата на Машински факултет – Скопје или на линкот: https://forms.gle/GS5vQ6s7LyXG7W5P6  хс/цр

Фото: Chapter 4

 



Остани поврзан