• петок, 05 декември 2025

Обвинетиот за нападот на божиќниот пазар во Магдебург започна штрајк со глад

Обвинетиот за нападот на божиќниот пазар во Магдебург започна штрајк со глад

Магдебург, 11 ноември 2025 (МИА) – Обвинетиот за убиството на шест лица при напад со автомобил на божиќниот пазар во германскиот град Магдебург соопшти дека започнал штрајк со глад на вториот ден од неговото судење, кое се спроведува под високи безбедносни мерки.

- Започнав штрајк со глад вчера. Планирам да трае три недели. Не очекувам физичка штета, изјави Талеб ал-Абдулмохсен во судницата.

Претседателот на судскиот совет, судијата Дирк Штернберг, нагласи дека судењето ќе продолжи и во отсуство на обвинетиот, доколку е потребно.

- Немате моќ да го одложите или попречите судењето преку штрајк со глад или жед, му порача тој на 51-годишниот обвинет.

Обвинителството го товари Ал-Абдулмохсен за шест убиства и 338 обиди за убиство во врска со нападот извршен на 20 декември минатата година.

Вчера обвинетиот призна дека тој го управувал возилото што влетало во толпата во источниот германски град, при што загинаа пет жени на возраст од 45 до 75 години и едно дете. Тој не дал дополнителни детали и не покажал каење.

Покраинскиот суд во Магдебург првично закажа речиси 50 рочишта, кои треба да завршат до 12 март 2026 година. ссм/

фото: архива

Остани поврзан