• петок, 05 декември 2025

Новата детска градинка „Весели цветови“ Делчево официјално предадена на користење на установата 

Новата детска градинка „Весели цветови“ Делчево официјално предадена на користење на установата 

Делчево, 1 декември 2025 (МИА) - По донесената одлука на Советот на Општина Делчево за давање трајно користење на новоизградената детска градинка на општинската јавна установа за деца „Весели цветови“, денес градоначалникот Иван Гоцевски ѝ ги предаде и официјално клучевите на директорката Виолета Гиздовска.

Гоцевски истакна дека со ова завршува еден важен процес поврзан со отворањето на објектот, а паралелно продолжуваат и активностите за уредување на околниот простор.

-Денес извршивме увид во тековните работи околу градинката. Во тек е партерното уредување на просторот, поставување заштитна ограда, а ќе се изгради и пристапна патека од паркингот до објектот. Обезбедена е и техничка документација за реконструкција на улицата „М.Х. Јасмин“, која минува над градинката, со планирана изградба на тротоари, изјави Гоцевски.

Новата детска градинка ќе има капацитет за згрижување на 130 деца. Планирани се шест воспитни групи за деца од две до пет години, како и две јаслени групи.

Со пуштањето во употреба на овој објект, Општина Делчево очекува целосно да се надмине долгогодишниот проблем со недостиг на простор за сместување деца во предучилишните установи. вс/вј/


Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан