• недела, 11 јануари 2026

Николоски: Онер Јакупоски и Маврово-Ростуше ќе бидат дел од историската победа на ВМРО-ДПМНЕ на овие локални избори

Николоски: Онер Јакупоски и Маврово-Ростуше ќе бидат дел од историската победа на ВМРО-ДПМНЕ на овие локални избори

Скопје, 8 јануари 2026 (МИА) - Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, денеска, на средба со граѓаните во општина Маврово-Ростуше, ги повикал на масоврн одѕив и поддршка за кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Онер Јакупоски. Тој, како што се наведува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ, се осврнал и на инфраструктурните проекти, како и на економскиот развој и поддршката на Владата за отворање нови директни авиолинии, вклучително и кон Италија, како и на личната и на институционалната поддршка за завршување на сите инфраструктурни проекти.

- Долго е во партијата и бил заедно со сите вас, со сите нас и во најтешките моменти на партијата и сега кога, би рекол, се најсветлите моменти на партијата и кога партијата ги доживува најголемите успеси и затоа мислам дека вашата општина, Маврово Ростуше, треба да биде дел од овој победнички тим што го има ВМРО-ДПМНЕ, истакна Николоски.

Тој ја нагласи историската победа на ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори, која ќе значи и силен инвестициски циклус, а приклучокот што се гради ќе го поврзе регионот со автопатот на Коридорот 8 овозможувајќи директен излез до Охрид - Кичево за 20-ина минути, а како што вели Николоски, делот кон аеродромот ќе биде отворен помеѓу 2 август и 8 септември, што значи дека ќе може да се користи веќе следното лето.

- Очекувам автопатот Охрид - Кичево, во согласност со најавите, да биде завршен до крајот на оваа година или првата половина на следната година. Но, делот што најмногу ви значи, а тоа е отворањето од Извор кон аеродромот, затоа што голем дел го користат аеродромот и кога доаѓаат од дијаспората, ќе биде отворен помеѓу 2 август и 8 септември, што значи веќе следното лето ќе може да се користи, истакна Николоски.

Посочи дека Владата активно работи на отворање нови директни авиолинии, вклучително поврзаност со Италија.

- Ова е еден голем сериозен инфраструктурен проект што го работиме и се надевам дека заедно со градоначалникот, заедно со посветеноста на ЈПДП, за многу кус период целиот овој крај ќе биде поврзан на Коридорот 8 и на автопатот што оди од Скопје преку Тетово, Гостивар, Кичево до Охрид и до Струга. Тоа е едната голема работа што сакам да ја кажам, нагласи Николоски.

Додава дека откога е избрана оваа Влада, многу сериозно работи на отворање нови директни дестинации, што значи полесно патување, досега се отворени нови 21. 

- Повеќето се од скопскиот аеродром, а има и од охридскиот. Можам да најавам поврзаност со Италија. Веќе за јужна Италија се отворија линиите за Неапол и за  Бари од Скопје, а за северна Италија во април се отвора директна линија Охрид - Милано, што многу ќе помогне за луѓето што живеат во северниот дел, истакна Николоски.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ најави нови авиолинии, кои, како што рече, ќе ја олеснат комуникацијата.

- Доаѓа „Остријан ерлајнс“, која почнува редовно да лета Виена - Охрид, а преку Виена потоа имате конекција за целиот свет. Охрид - Истанбул веќе имате исто така редовна линија и конекција за целиот свет, а скопскиот аеродром веќе оваа година надминува 3 милиони патници, в година очекувам да надмине 3 и пол милиони, што е далеку над бројот што го има државата, што мислам дека сериозно говори што сакаме да направиме, истакна Николоски.

Тој посочи дека економскиот развој е третата клучна тема, со посебен фокус на инфраструктурата како основен двигател, и дека лично ќе ја поддржува Општината обезбедувајќи дополнителни средства преку Министерството за транспорт за завршување на сите инфраструктурни проекти во Маврово-Ростуше, надвор од редовните фиксни средства на жител.

- Давам лично ветување дека ќе го помагам Онер како иден градоначалник. Ние тоа веќе го правиме и во овој момент кога е вршител на должноста, имавме доста сериозен состанок во Министерството за транспорт и ќе го продолжиме да го правиме тоа и многу проекти ќе реализираме заедно, нагласи Николоски.

Имајќи предвид дека се работи за исклучително битна општина за нас, стратешка општина за нас, Николоски најави поддршка надвор од она што се редовно предвидени средства.

- Знаете дека ние даваме за секоја општина фиксни средства, кои одат на жител. Некаде околу 135 евра на жител, во однос на општина Маврово-Ростуше ќе има дополнителни средства што ќе одат преку Министерството за транспорт како еднаш засекогаш би можеле да ги завршиме сите инфраструктурни проекти и веќе да не зборуваме за тоа, посочи Николоски. дма/ац/

Фото: ФБ Александар Николовски

Остани поврзан