На ГП Богородица запленети 188 килограми марихуанa, приведени две лица
- На граничниот премин Богородица запленети се 188 килограми наркотична дрога марихуана која требало да заврши во Турција. Приведени се две лица од Куманово и Тетово.

Скопје, 13 февруари 2025 (МИА) - На граничниот премин Богородица запленети се 188 килограми наркотична дрога марихуана која требало да заврши во Турција. Приведени се две лица од Куманово и Тетово.
Како што изјави денеска директорот на Царинската управа Бобан Николовски, двајцата возачи на 8 февруари влегуваат на Блаце со камион и на 9 февруари со истиот камион, едниот од нив од место меѓу Куманово и Паланка оди кон Богородица.
- На Богородица е извршена детална контрола на камионот при што меѓу компресирана рециклирана хартија во четири бали е пронајдена дрогата. Проценетата вредност на дрогата на црниот пазар изнесува 707 илјади евра.
- Царинската управа влезе во траг и спречи меѓународен канал за шверц на дрога. Во заедничка акција со Бирото за јавна безбедност на граничен премин Богородица се запленети 188 килограми и 636 грама наркотична дрога марихуана која требало да заврши во Турција. Две лица се лишени од слобода и против нив до Основното јавно обвинителство Гевгелија е поднесена кривична пријава за сторено кривично дело по член 215 од Кривичниот законик, неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори. Овој случај е прв од многуте во иднина каде со заеднички сили ветуваме уште пожестока борба со криминалот, рече Николовски. рт/фф/
Фото: МИА