• петок, 05 декември 2025

Симпозиум на млади лекари во Скопје: Глобалните трендови во медицината поттикнати од вештачката интелигенција

Симпозиум на млади лекари во Скопје: Глобалните трендови во медицината поттикнати од вештачката интелигенција

Скопје, 5 декември 2025 (МИА) - Глобалните трансформации и трендови во медицината, поттикнати од улогата на вештачката интелигенција, како и најновите препораки за третман на болестите и идните предизвици во здравството, ќе бидат главен фокус на Симпозиумот на млади лекари што денеска и утре ќе се одржува во Скопје во организација на Здружението на лекари специјализанти (ЗЛС Скопје).

Темата на симпозиумот е „Иднината на медицината - прозорец кон утрешнината“, а настанот ќе се одвива паралелно во повеќе сали каде што ќе има воведен дел, предавања, панел дискусии и практични работилници. Ќе присуствуваат околу 150 млади лекари од земјава и гости од странство, кои ќе ги слушнат најновите искуства, сознанија и техники од реномирани стручни лица од различни медицински области.

Во официјалната програма се вклучени на 50 лекари, предавачи, модератори и ментори од различни области од Македонија и странство. Меѓу нив се проф. д-р Сашко Кедев, проф. д-р Миодраг Остојиќ, вон. проф. Владимир Чадиковски, проф. д-р Лидија Попоска, научниот советник Јане Талески, проф. д-р Скендер Саиди, проф. д-р Оливер Станков, проф. Един Бегиќ и многу други реномирани стручни лица од областа на хирургијата, интерната медицина, кардиологијата, урологијата, радиологијата и други специјалности.

Учесниците на симпозиумот ќе имаат можност поблиску да се запознаат и со проектот на ЗЛС, „Стоп за лоши навики“, насочен кон подигнување на свесноста за значењето на примарната превенција на незаразните заболувања како водечка причина за сериозни болести и смртност во Македонија. Во рамки на овој проект, ЗЛС неодамна го издаде практичниот прирачник „Како до здрави навики“ на македонски, албански и англиски јазик со корисни упатства за превенција и подобрување на здравјето на граѓаните, кој ќе биде претставен пред учесниците.     

Организаторите на симпозиумот истакнуваат дека темата на годинешниот настан е поврзана со современите трендови во медицината и иднината на здравствениот систем, со посебен акцент на улогата на вештачката интелигенција, како тема која произлегува од глобалните трансформации во медицината што веќе се случуваат и кај нас.

Главната цел на симпозиумот е на младите лекари да им овозможи современа образовна платформа преку која тие ќе добијат глас, ќе бидат во центарот на вниманието и ќе добијат вистинско практично знаење, не само теоретско. Организаторите ги препознаваат реалните потреби на младите лекари и според тоа ги дизајнираа работилниците кои ќе бидат дел од настанот: развивање на клиничко размислување, практични вештини, споделување искуства, работа со пациенти и градење професионална самостојност.

Ова ќе биде второ издание на Симпозиумот на млади лекари, откако првпат се организираше во 2023 година. Огромниот интерес за овој настан, како и позитивните искуства на учесниците од првото издание, придонесоа тој годинава да биде уште поголем и посеопфатен, поради што ќе почне да прераснува во традиција во наредниот период. дма/нд

Фото: Илустрација

Остани поврзан