• петок, 21 февруари 2025

Промоција на романот „Недостиг“ од Симеон Јанков

Промоција на романот „Недостиг“ од Симеон Јанков

Скопје, 13 февруари 2025 (МИА) - Промоција на романот „Недостиг“ од Симеон Јанков, во издание на Или-Или, вечер во 19 часот ќе се одржи во кафе-книжарницата Буква. Промоторка на романот е Фросина Крушкаровска.

„Недостиг“ е повеќеслоен психолошки роман - мистерија што нуди повеќе перспективи и толкувања за настаните, на кои временски нелинеарното изложување им е можеби најсилната страна. Приказната за недостигот, како што се посочува во освртот, е една од главните теми на кои се гради романот и како што нарацијата се развива, станува сѐ понапната, а со разврската на крајот, кој бездруго нуди повеќе толкувања, читателот осознава дека справувањето со сопствениот недостиг значи справување со сѐ.

Во романот, посочува издавачот на романот, се наметнуваат деликатни прашања: што ако веќе го нема минатото на кое сакаш да му се вратиш, што ако не можеш да го промениш она што никогаш не се случило, што ако дури ни во детството веќе никој не те чека, дали твојата неприпадност е нечија туѓа припадност.

Симеон Јанков е роден 1981 година во Скопје. Дипломирал на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во групата „Македонски и јужнословенски книжевности“. Автор е на романите „Црна шума“ (Ми-Ан, 2019) и „Најосаменото место“(Или-Или, 2021).

Романот на Јанков е дел од едицијата ПРОаЗА на издавачката куќа Или-Или.  вг/са/

Фото: плакат

Остани поврзан