• понеделник, 08 декември 2025

Македонска премиера на долгометражниот игран филм „Бело се пере на деведесет“

Македонска премиера на  долгометражниот игран филм „Бело се пере на деведесет“

Скопје, 8 декември 2025 (МИА) - Во рамки на Фестивалот на европски филм „Синедејс“ и програмата „МК во ЕУ“, вечер од 20 часот во кино „Фросина“ во МКЦ, македонска премиера ќе има долгометражниот игран филм „Бело се пере на деведесет“ во режија на Марко Набершник, во чија реализација Македонија учествува како малцински копродуцент. 

Како што соопшти „Црна мачка продукција“, која е македонски копродуцент, филмот  е трогателна, инспиративна и проткаена со хумор приказна за животот на Броња, чие безгрижно детство ќе биде прекинато од загубата на нејзината мајка болна од рак, а во доцните тинејџерски години и таа самата мора да се соочи со подмолната болест.

-И покрај бројните и речиси непремостливи предизвици, Броња успева да ги надмине со солзи, смеа и непоколеблив оптимизам. Филмот, инаку адаптација на истоимениот автобиографски роман на словенечката писателка Броња Жакељ, којшто доживеа меѓународен успех и беше издаден и на македонски јазик, го прикажува патот до созревањето на Броња во текот на 80-тите и 90-тите години од минатиот век и преку нејзината лична трансформација им нуди надеж и инспирација на гледачите, соопшти продукцијата. 

Филмот е копродукциски проект на шест земји - Словенија, Италија, Хрватска, Србија, Северна Македонија и Црна Гора, со поддршка од Словенечкиот филмски центар и Виба Филм Љубљана, ФВГ Филмски фонд, Хрватскиот аудиовизуелен центар ХАВЦ, Филмскиот центар на Србија, Агенцијата за филм на Северна Македонија, Филмскиот центар на Црна Гора и Европскиот фонд за копродукции Еуримаж.

-Во реализацијата на овој филм, на главната продукциска куќа Перфо од Словенија ѝ се приклучија Квазар Филм, Кинорама, Биберче, Протос филм, а македонски копродуцент е Црна мачка продукција, наведува македонската продукција што учествува во проектот. 

Светската премиера филмот ја имаше на реномираниот Сараевски филмски фестивал во август оваа година, по што следуваа премиери на фестивалите во  Херцег Нови и Љубљана. Од 20 ноември се прикажува во киносалите низ Словенија и за само две недели го виделе 50 000 гледачи. 

Пред фестивалската публика во Скопје, како што е најавено, ќе се претстават актерките Леа Цок и Аница Добра, главниот продуцент Алеш Павлин од Перфо Словенија и дел од македонската екипа која работеше на реализацијата на овој филм. хс/вг/

Фото: Црна мачка продукција 

Остани поврзан