Нацрт концепцијата за реформи на гимназиското образование презентирана пред претседателката Сиљановска-Давкова
- - Претседателката, како долгогодишна професорка, изрази разбирање за нивните ставови и заложби, акцентирајќи ја важната улога на Филозофијата, Логиката и Етиката во обликувањето на интелектуалната и морална димензија на карактерот на младите луѓе. Таа изрази доверба во реформската ориентација и уверување дека забелешките на Институтот за филозофија ќе бидат анализирани со должно внимание и земени предвид при креирањето на конечните решенија, стои во соопштението.

Скопје, 31 јануари 2025 (МИА) - Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска примила професори од Институтот за филозофија при Филозофскиот факултет - Скопје, кои ѝ го презентирале нацртот на концепцијата за реформи на гимназиското образование.
На средбата, како што соопштуваат од кабинетот на претседателката, професорите изразиле категорично противење на бришењето на предметот Филозофија од корпусот на задолжителни предмети, како и на отстранувањето на предметите Логика и Етика од категоријата изборни предмети од наставниот план.
За нив, ваквото решение е деградирање на овие темелни хуманистички науки што е противречно на прокламираните цели на концепцијата: развивање на критичко размислување, истражувачките способности и вештини за решавање проблеми; поттикнување на самодоверба; свесност за индивидуалноста и одговорност за сопствените постапки; градење национален, етички и културен идентитет, како и почитување на историјата и културното наследство и подготовка за одговорно граѓанство и активно учество во демократскиот живот.
Ваквата промена за професорите е сериозен чекор назад во развојот на личноста на младите луѓе и нивната подготовка за соочување со современите предизвици.
-Претседателката, како долгогодишна професорка, изрази разбирање за нивните ставови и заложби, акцентирајќи ја важната улога на Филозофијата, Логиката и Етиката во обликувањето на интелектуалната и морална димензија на карактерот на младите луѓе. Таа изрази доверба во реформската ориентација и уверување дека забелешките на Институтот за филозофија ќе бидат анализирани со должно внимание и земени предвид при креирањето на конечните решенија, стои во соопштението. вг/лв/
Фото: Кабинет на претседателката Сиљановска Давкова