Над 450 уапсени на протестите против планираните пензиски реформи во Панама
- Повеќе од 450 демонстранти беа уапсени, а најмалку 15 полицајци се повредени во главниот град на Панама за време на вчерашниот ден на протестите против владиниот план за зголемување на законската старосна граница за пензионирање.

Панама Сити, 13 февруари 2025 (МИА) - Повеќе од 450 демонстранти беа уапсени, а најмалку 15 полицајци се повредени во главниот град на Панама за време на вчерашниот ден на протестите против владиниот план за зголемување на законската старосна граница за пензионирање.
Имаше судири меѓу полицијата и учесниците на протестите кои ги повика градежниот синдикат Сантракс.
Началникот на полицијата Хамес Фернандез изјави дека 15 полицајци биле повредени.
Панамскиот претседател Хозе Раул Мулино ги осуди постапките на демонстрантите, кои ги нарече терористи.
Генералниот секретар на Сантракс, Саул Мендес, пак, предупреди дека протестите ќе продолжат и ја обвини владата дека сака „да ги украде парите на пензионерите и работниците за да им ги даде на банките“.
Луѓето протестираат против предлог-законот поднесен до Националното собрание (Парламентот) за зголемување на законската старосна граница за пензионирање за три години - на 60 години за жени и 65 години за мажи - со цел да се намали дефицитот во пензискиот систем, на кој му се заканува банкрот.
Текстот предвидува и зголемување од 3 отсто на пензиските придонеси од работодавачите, како и годишен придонес од државата во износ од речиси 1,2 милијарди долари.
Експертите предупредуваат дека до 2025 година дефицитот на социјалното осигурување во Панама ќе надмине милијарда долари, а до 2030 година може да се удвои. паг/
Фото: ЕПА