• петок, 12 декември 2025

На пристаништето во Лос Анџелес изби пожар на товарен брод

На пристаништето во Лос Анџелес изби пожар на товарен брод

Вашингтон, 22 ноември 2025 (МИА) – Градоначалничката на Лос Анџелес, Карен Бас издаде наредба граѓаните од квартовите кои се во близина на пристаништето да не ги напуштаат домовите, да ги затворат прозорците и да ги исклучат клима-уредите, поради пожарот што избувна на товарен брод што транспортирал опасни материјали.

Наредбата се однесува за квартовите околу пристаништето, вклучително и за Сан Педро и Вилмингтон.

Крајбрежната стража на САД соопшти дека околу бродот „Уан Хенри Хадсон“ (One Henry Hudson) е создадена безбедносна зона во радиус од една морска милја.

Противпожарната служба на Лос Анџелес соопшти дека во пожарот нема повредени лица и оти се пронајдени сите 23 членови на екипажот. Во гаснењето на огнот учествуваа повеќе од сто пожарникари.

Сè уште е непозната причината за пожарот, но огнот избил под палуба, а потоа зафатил неколку нивоа од бродот, што довело до експлозија.

Бродот „Уан Хенри Хадсон“, со должина од 336 метри, е во сопственост на бродската компанија „Уан оушан експрес“ (One Ocean Express), со седиште во Сингапур. Бродот пред пристигнувањето во Лос Анџелес бил во јапонските пристаништа во Кобе, Нагоја и Токио. ми/паг/

фото: Икс

Остани поврзан