На 29 ноември концерт на Камерниот оркестар „Профундис“ во рамки на пост-фестивалската програма на „Охридско лето“
- Безвременско музичко патување под светлосната магија на свеќите ќе донесе „Охридско лето“ на 29 ноември во Македонската филхармонија преку концертот на Камерниот оркестар „Профундис“ и солистот на виолончело Петар Пејчиќ кои ќе настапат под диригентската палка на Ѓурѓица Дашиќ. Националната установа успешно ќе ја заокружи годинава со уште еден пост-фестивалски концерт на 20 декември во Центарот за култура во Охрид со меѓународно етаблираните уметници, тенорот Рамирез Дроз Реиналдо Елаис и Барбаџелата Франческо на пијано.
Скопје, 19 ноември 2025 (МИА) - Безвременско музичко патување под светлосната магија на свеќите ќе донесе „Охридско лето“ на 29 ноември во Македонската филхармонија преку концертот на Камерниот оркестар „Профундис“ и солистот на виолончело Петар Пејчиќ кои ќе настапат под диригентската палка на Ѓурѓица Дашиќ. Националната установа успешно ќе ја заокружи годинава со уште еден пост-фестивалски концерт на 20 декември во Центарот за култура во Охрид со меѓународно етаблираните уметници, тенорот Рамирез Дроз Реиналдо Елаис и Барбаџелата Франческо на пијано.
Ова го најави директорот на НУ „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски на денешнта прес-конференција. Тој информира дека концертот во Охрид ќе биде бесплатен, како подарок за градот од НУ „Охридско лето“ за изразување на благодарност за довербата, поддршката и љубовта што им се дава од публиката секоја година.

-Успешно реализираното јубилејно 65-то издание на Фестивалот уште еднаш потврди дека „Охридско лето“ е културен бренд не само на Македонија, туку и на целиот регион. Оваа година Охрид беше центарот на врвната уметност со преку 36 концерти, претстави и настани на кои настапија уметници од целиот свет. Благодарение на поддршката од институциите, спонзорите, нашите партнери, но најмногу од публиката, ова издание беше едно од најпосетените и највисоко оценети во последните години. Шеесет и петтото издание на „Охридско лето“ покажа дека културата има моќ да обединува, да инспирира и да носи нови свежи идеи. Особено сме горди што оваа година го официјализиравме партнерството со А1 Македонија, преку потпишување на четиригодишен договор за стратешка соработка. Новото партнерство со А1 Македонија за нас значи нова визија на културниот развој, стабилност и отворени можности. Со ваквата поддршка Фестивалот ќе добие можност да се развива и надвор од летните месеци. Заедно продолжуваме со уште посилна енергија, нови програми и амбиција да ја чуваме уметноста жива – не само во лето, туку преку целата година, изјави Цуцковски.
Главниот извршен директор на А1 Македонија, Методија Мирчев истакна дека партнерството ја потврдува заложбата за долгорочна поддршка на културата и заедницата и е пример за синергија помеѓу корпоративната одговорност и културната традиција.

-2025-та година беше извонредна година за „Охридско лето“, исполнета со врвни уметнички изведби, свежина во програмата и инспиративна енергија од публиката. За нас како A1 Македонија, ова партнерство е потврда за нашата корпоративна стратегија, да ја приближиме културата и уметноста до сите граѓани. Оваа година под мотото „Свеж бран култура“ имавме можност и чест на некој начин да ја ставиме културата на пиедестал, дали се работи за театарот, дали се работи за музиката. Но, пред се, да ја позиционираме на она врвно место каде што реално треба да биде и тоа на некој начин е и наша стратешка определба и наша визија А1 Македонија и вградена во нашата ДНК. Да соопштам дека и во следните три години А1 ќе го поддржи „Охридско лето“, изјави Мирчев.
Фестивалот „Охридско лето“ е финансиски поддржан од Министерството за култура и туризам, а се одржува под поктовителство на Претседателот на државата. Генерален спонзор од годинава е А1 Македонија, а Фестивалот ужива поддршка и од амбасадите во државава, од Општина Охрид, како и од бројни спонзори и помагатели.

Во знак на успешната соработка, Цуцковски на денешната прес-конференција на главниот извршен директор на А1 Македонија, Методија Мирчев, му врачи благодарница за особен придонес и поддршка на македонската култура. фф/вг/
Фото: НУ Охридско лето/А1 Македонија