• среда, 10 декември 2025

МФ: Собранието го усвои Буџетот за 2026 година – фискална консолидација, поддршка на економијата и редовна исплата на обврските

МФ: Собранието го усвои Буџетот за 2026 година – фискална консолидација, поддршка на економијата и редовна исплата на обврските

Скопје, 10 декември 2025

Собранието денеска го усвои Буџетот за 2026 година, којшто е планиран како консолидиран и реален инструмент за одговорно управување со јавните финансии, одржливо ниво на буџетски дефицит и јавен долг, информира Министерството за финансии во соопштение што МИА го пренесува интегрално.

Вкупните приходи во Буџетот за 2026 година се планирани на ниво од 374,9 милијарди денари, расходите се планирани на ниво од 414,2 милијарди денари, додека буџетски дефицит е проектиран во апсолутен износ од 39,2 милијарди денари или на ниво од 3,5% од планираниот БДП.

За капитални инвестиции се планирани 40,1 милијарда денари наменети за интензивна реализација на инфраструктурни, енергетски и капитални проекти кои се клучни за подобрување на општите услови за живот, унапредување на јавната инфраструктура и поттикнување на економскиот развој.

Со Буџетот се обезбедува редовна исплата на плати во јавниот сектор, пензии, социјални трансфери и субвенции, поддршка на економијата и иновативни активности.

За исплата на плата се проектирани 52,6 милијарди денари, за тековни трансфери и субвенции 271,9 милијарди денари, за пензии 116,8 милијарди денари, за социјална заштита 12 милијарда денари, за активни мерки и политики за вработување 2,6 милијарди денари, за здравствена заштита 53,8 милијарди денари

Во наредната година ќе се продолжи со намалување на буџетскиот дефицит, стабилизирање на јавниот долг и зајакнување на довербата кај домашните и странските инвеститори. Мерките коишто се предвидени за постигнување на оваа цел се ефикасна наплата на приходите, формализација на неформалната економија и внимателна, контролирана и штедлива употреба на јавните средства.

„Буџетот е изработен со јасна визија, со одговорен пристап кон јавните финансии и со цел секој денар од народните пари да биде насочен таму каде што ќе донесе најголем поврат за граѓаните и економијата. Буџетот за 2026 година е изготвен врз основа на постигнатите економски резултати и очекувањата за продолжување на позитивните трендови.  Водевме сметка за реалноста во проекциите, економичноста и ефективноста во планирањето, со цел да обезбедиме стабилен развој, редовно функционирање на институциите и навремена исплата на сите обврски. Овој Буџет не е само документ со бројки и табели – тој е економска порака за стабилност, доверба и развој. Јасна потврда за одговорното управување со јавните финансии кое го воспоставивме и го продолжуваме со полн капацитет„  рече Димитриеска-Кочоска, којашто потсети и на остварувањата во економијата во третиот квартал, кога е остварен раст од 3,8% и претставува еден од највисоките во последните години.

Министерката за финансии во образложението на Дополнетиот предлог-буџет наведе дека во 2026 година со овој предлог се обезбедува ликвидност во јавните финансии и континуитет во навремената и целосна отплата на обврските.

Фото: МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан