Музеј Демир Капија одбележа15 години постоење
- Музеј на Демир Капија вчера одбележа15 години постоење. Јубилејот беше одбележан со отварање на изложбата „Теракотните икони од Виничко Кале“, со целосна поддршка од Министерството за култура и туризам, а во соработка со Локален историски и археолошки музеј „Теракота“ од Виница.
Демир Капија, 8 ноември 2025 (МИА) - Музеј на Демир Капија вчера одбележа15 години постоење. Јубилејот беше одбележан со отварање на изложбата „Теракотните икони од Виничко Кале“, со целосна поддршка од Министерството за култура и туризам, а во соработка со Локален историски и археолошки музеј „Теракота“ од Виница.
- Пред 15 години, со одлука на Советот на Општина Демир Капија беше отворен музејот, со намера да биде посветен на виното и винската консумна култура. Како основен музејски фонд беа откупени етнолошки предмети од локални жители од Демир Капија, а набргу потоа со археолошки истражувања поддржани од Министерството за култура и туризам на Македонија беше создадена и археолошката збирка, со што тој и почна да работи како Општ музеј во состав на Дом на култура „Мирка Гинова“ Демир Капија, потсети Цветанка Тодоровска Митрева, виш кустос во Музејот.
Таа истакна дека првите чекори, музејот ги чекореше трасирајќи го својот пат во сферата на културата и уметноста , етнологијата и археологијата.
- Со реализирани бројни проекти со кои полека ја испишува историјата на своето постоење, како важна алка од општественото живеење на Демир Капија, но пред се како централна и основна позиција за развој на културата ,за зачувување на културното наследство од регионот на Демир Капија и негова презентација пред јавноста,за развој на туризмот како еден од основните двигатели на економскиот развој на општината во целина, подвлече Тодоровска Митрева.
Автори на изложбата се кустос советниците, Јулијана Иванова, Благица Стојанова и Магдалена Манаскова.
За изложбата зборуваа, Иванова и Стојанова и меѓу другото истакнаа дека и по четири децении од откривањето на најголемото депо на „теракотните икони“ од Виничко Кале, не престануваат да ја интересираат домашната и светската научна јавност. Тие се несомнено најголемиот промотор на македонското културно историско и археолошко наследство на нашата држава и спаѓаат во редот на најавтентичните, најрепрезентативните и единствени од ваков тип во светот, а воедно и најекспортирано културно наследство. Иконите сведочат за високо развиено познавање на христијанската вера и нејзината сложена симболика на овие простори уште во 5-6 век. Досега се изложувани во некои од најзначајните светски музеи и галерии. Ватикан, Варшава, Москва, Рим, Санкт Петербург, Мелбурн, Париз, Минхен, Анкара, Лисабон, Киев, Утрехт, Оксфорд, Белград, Загреб, Софија, Љубљана, Кордоба, Подгорица и уште многу други европски градови. Притоа нагласија дека теракотните икони претставуваат драгоцен дел од целокупното христијанско уметничко наследство и како такви имаат непроценливо значење. свд/лв/
Фото : Петре Пашоев