• сабота, 22 февруари 2025

МКС поднесе барање за апсење на лидерите на талибанците поради кршење на женските права во Авганистан

МКС поднесе барање за апсење на лидерите на талибанците поради кршење на женските права во Авганистан

Хаг, 23 јануари 2025 (МИА) - Главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд (МКС), Карим Кан, денеска изјави дека поднел барање за апсење на талибанските лидери во Авганистан, вклучително и врховниот духовен водач Хаибатула Ахунџада, обвинувајќи ги за злосторства против човештвото за дискриминација на жените и девојчињата.

Во соопштението објавено од канцеларијата на Кан се вели дека доказите собрани како дел од истрагата даваат основа за сомневање дека Ахунџада и Абдул Хаким Хакани, кој ја извршува функцијата врховен судија од 2021 година, „носат кривична одговорност за злосторства против човештвото, прогон, врз основа на пол“.

Тие се „кривично одговорни за прогонот на авганистанските девојки и жени, како и поединци за кои Талибанците сметаат дека не се во согласност со нивните идеолошки очекувања за родовиот идентитет или изразување, и поединци кои талибанците ги сметале за сојузници на девојките и жените“, се наведува во соопштението.

Кан истакна дека наводните злосторства започнале на 15 август 2021 година, две недели пред американските трупи да го напуштат Авганистан и се уште траат.

Првата прелиминарна истрага на судот за прекршување на правата на жените и девојките во Авганистан започна во 2007 година, а дури во 2022 година започна целосна истрага. Талибанците се вратија на власт во Авганистан во 2021 година и оттогаш ги ограничија правата на жените, вклучувајќи ограничувања на образованието, работата и независноста во секојдневниот живот. паг/

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан