Мицкоски: Ако треба Владата да падне поради „Сејф Сити“, подготвен сум на тој ризик
- Премиерот Христијан Мицкоски вечерва на гостувањето во „Клик Плус“ на ТВ21, зборувајќи за проектот „Сејф Сити“, истакна дека е подготвен да понесе ризик дури и да падне владата за проектот.
Скопје, 27 јануари 2026 (МИА) - Премиерот Христијан Мицкоски вечерва на гостувањето во „Клик Плус“ на ТВ21, зборувајќи за проектот „Сејф Сити“, истакна дека е подготвен да понесе ризик дури и да падне владата за проектот.
Мицкоски кажа дека целта не е да се наплаќаат казни, туку да се спасуваат човечки животи.
-Целта не е да се наплатат казни. Затоа што како прво има толеранција, ако се вози 5 километри повеќе, нема да има казни. Ако возите повеќе од 10, ќе бидете казнети. Но, повторно ќе кажам целта не се казни, туку да се делува едукативно и превентивно. Ако треба оваа влада да падне за Сејф Сити, а потоа да дојде друга влада и да го укине, и да вози кој како си сака, тогаш во ред, подготвен сум тој ризик да го понесам, изјави Мицкоски.
Тој рече како доаѓа први февруари, кога се очекува и официјално да се почне со изрекување на казни, така се намалува бројот на регистрирани прекршоци.
-Податоците велат дека на 23 јануари регистрирани се над 15.000 прекршоци, додека на 24 јануари 14.000. Така што како доаѓа први февруари, се регистрираат се помал број на прекршоци, рече Мицкоски и додаде дека во периодот декември 2025 до 26 јануари 2026, споредено со истиот период лани има седум лица помалку загинати во сообраќајни несреќи. ац/дј/
Фото: принтскрин