• среда, 10 декември 2025

Михајловски за МИА: Задоволство беше да се гледа развиорено македонското знаме со медал на моите гради

Михајловски за МИА: Задоволство беше да се гледа развиорено македонското знаме со медал на моите гради

Скопје, 10 декември 2025 (МИА)

Зоран Стерјовски

Македонскиот кикбоксер Стефан Михајловски пред десетина дена стана светски вицешампион со освоен сребрен медал на Мундијалот во кикбокс за сениори одржан во Абу Даби (ОАЕ). Тој настапуваше во категоријата Кик Лајт, + 94 кг. Михајловски имаше одлличен настап, обезбедувајќи три победи во патот до големото финале. Во финалето се соочи со актуелниот светски шампион и по тесна борба за жал не успеа да стигне до посакуваното злато.

1. Стефан, какво е чувството да се вратиш дома како светски вицешампион?

- Искрено, чувството е одлично и нереално. Задоволен сум со тоа што го постигнав поради тоа што знам колку напорна работа и жртвување стојат зад овој резултат. И покрај истото сепак жалам поради тоа што бев многу блиску до освојување на златниот медал, а не успеав. Генерално, сум горд и мотивиран за понатамошни успеси. Задоволство беше да се гледа развиорено македонското знаме со медал на моите гради.

2. Каков беше твојот пат до големото финале?

- Се соочив со противници од Словачка, Египет и Словенија. Првата борба против противникот од Словачка кој е актуелен светски вицешампион во јуниорска дивизија ја победив со прекин во третата рунда со голема разлика на во поени. Втората борба со противникот од Египет резултираше со победа и прекин во втората рунда. Во третата борба противникот ми беше трократен светски шампион од Словенија со кој се имам претходно соочено два пати. Овој пат по тежок меч извојував убедлива победа со судиска одлука.

3. Што мислиш дека пресуди во финалето?

- Во финалето пресудија неколку детали кои не беа незначителни. Како и во секоја борба, покрај добри секвенци направив и неколку ситни пропусти кои на вакви мечеви имаат решавачка улога. Значителна улога земаа и повредите здобиени за време на подготовките, како и за време на трите борби до финалето. И покрај сето тоа, прикажав блиска борба со одличен противник која ми даде мотив за идни големи постигнувања.

4. Како се одвиваа подготовките за овој голем спортски настан?

- Ваквите првенства бараат активно вежбање и подготвување во текот на целата година, но финалните подготовки траеја околу три месеци. Секојдневните тренинзи ги правев со мојот долгогодишен тренер во матичниот клуб Прокик-Фемили. Освен редовните кикбокс тренинзи дополнително работев и со тренер за интензивни и кондициски подготовки. Дополнително, на повик на селекторот и тренерот на Кикбокс Маитаи Федерацијата на Македонија бев дел од подготовките за ова првенство водени од стручниот тим на Федерацијата заедно со целиот репрезентативен состав. Подготовките беа насочени кон подобрување на техниката, темпото и натпреварувачката форма. Убеден сум дека сето ова придонесе да го постигнам овој голем успех на светско ниво.

5. Кој беше твојата најголема поддршка пред и за време на првенството?

- Најголема поддршка покрај моите најблиски ми пружи мојот тренер од матичниот клуб Жарко Михајловски, кондицискиот тренер Петар Баснарков како и спаринг партнерите од матичниот клуб. Несебична поддршка како спортист ми беше пружена и од страна на Претседателот и Селекторот на Кикбокс Маитаи Федерацијата на Македонија Дејан Митревски-Урко и тренерот Драган Атанасовски кои како дел од стручниот тим ме пратеа и поддржуваа во аголот за време на секоја борба. Значителен мотив за време на борбите ми беше и поддршката дадена од останатите спортисти и колеги од македонскиот репрезентативен состав. Изразувам голема благодарност до сите нив.

6. Какви се твоите идни планови?

По краток одмор, рехабилитација и санирање на настанатите повреди продолжувам со истото темпо, секојдневни тренинзи во мојот матичен клуб со цел одржување и подобрување на мојата спортска форма. Секако, моите идни планови како кикбоксер се со успех да ја претставувам Македонија на идните престижни европски и светски купови и што повеќе нови победи и медали. 

Остани поврзан