Митревски: Трендафилов не е легитимен претседател на ССМ
- Живко Митревски е незаконски сменет од позицијата претседател на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), а актуелниот прв човек на ССМ Слободан Трендафилов е нелигитимно избран и сите активности со кои тој раководи се неважечки. Ова денеска го соопшти Митревски, откако ја обелодени пресудата од Основниот граѓански суд - Скопје донесена по неговото тужбено барање.

Скопје, 6 февруари 2025 (МИА) - Живко Митревски е незаконски сменет од позицијата претседател на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), а актуелниот прв човек на ССМ Слободан Трендафилов е нелигитимно избран и сите активности со кои тој раководи се неважечки.
Ова денеска го соопшти Митревски, откако ја обелодени пресудата од Основниот граѓански суд - Скопје донесена по неговото тужбено барање.
Митревски бара од Владата и надлежните институции веднаш да интервенираат согласно пресудата и да го впишат како легитимен претседател на ССМ.
Според пресудата, рече Митревски, постапките за неговата смена се воделе спротивно на Статутот на ССМ, спротивно на волјата на работниците и спротивно на 14-те грански синдикати кои се изјасниле дека никогаш немале водено постапка за смена на Митревски.
- Судот утврди дека е незаконско и ништовно решението на техничката министерка Ременски, дека е ништовен изборот на Дарко Димовски за претседател на ССМ, како и дека се ништовни сите дејствија, акти, статути, решенија,... донесени во негово време, истакна Митревски на прес-конференција.
Сите актуелни разговори што сега се водат со Владата и Економско-социјалниот совет се нелигитимни, напомена Митревски, а Трендафилов не може да ги претставува работниците.
Митревски беше прв синдикалец седум години, од 2010-та до 2017-та кога, како што вели, бил насилно сменет со политички упад на тогашната министерка за труд и социјална политика Фросина Ременски во техничката Влада,во спрега со одредени политички структури. мч/лв/
фото: МИА архива