Митев: Знаевме дека мораме да го победиме Катар, ќе пробаме да ја изненадиме Франција
- Организаторот на играта на македонската репрезентација Марко Митев постигна пет гола во денешната победа над Катар со 39:34 и беше прогласен за играч на натпреварот.

Вараждин, 23 јануари 2025 (МИА) – Организаторот на играта на македонската репрезентација Марко Митев постигна пет гола во денешната победа над Катар со 39:34 и беше прогласен за играч на натпреварот.
Митев е задоволен од прикажаната игра на целиот македонски тим и најави борбена игра и со големиот фаворит Франција.
- Со Катар одевме на се или ништо. Моравме да победиме. Го знаевме тоа. Бевме многу фокусирани и подготвени. Оваа победа многу ни значи. Голема благодарност до навивачите кои ни даваа поддршка, тие се нашиот ветер во грб, изјави Митев.
За следниот натпревар, со Франција в сабота, бекот на Алкалоид посакува изненадување.
- Ќе пробаме да го изненадиме фаворитот. Имаме два дена да се подготвиме и да влеземе максимално ангажирано. Овде сме дојдени да победуваме. Очекувам цел мој тим да биде фокусиран, додаде Митев.
Во моменталниот поредок, Македонија е на 3. место на табелата во Групата-2 на СП 2025 со четири бодови и со теоретски шанси за четвртфинале. зс/
Фото: МИА