Мирен протест пред грчкиот Парламент во пресрет на гласањето на буџетот за 2026 година
- Мирен протест, но со мал одзив од граѓаните, се одржа пред грчкиот Парламент во рамките на 24-часовниот штрајк на синдикатот на вработените во државниот сектор поради гласањето на буџетот за 2026 година, што вечерва се очекува да биде изгласан од пратениците, јави дописничката на МИА од Атина.
Атина, 16 декември 2025 (МИА) – Мирен протест, но со мал одзив од граѓаните, се одржа пред грчкиот Парламент во рамките на 24-часовниот штрајк на синдикатот на вработените во државниот сектор поради гласањето на буџетот за 2026 година, што вечерва се очекува да биде изгласан од пратениците, јави дописничката на МИА од Атина.

Од синдикатот сметаат дека новиот буџет е „антиграѓански и носи дополнителни даночни оптоварувања за работниците“, што воедно беа и пораките што ги упатија на протестот.
На протестот учествуваа и пензионерите, кои порачаа дека „цените се до небо, а пензиите на дно“.

Одвоен протест пред влезот на Парламентот одржаа и градоначалниците од цела Грција, организирани од Централната унија на општините, кои бараат повеќе пари за општините, за како што велат, општините да станат посилни и поблиску до граѓаните.

Градоначалниците ги посети претседателот на Парламентот Никитас Какламанс, кој ја прими и делегацијата од нивната унија.

Во денешниот 24-часовен штрајк, освен државните службеници и општините, учествуваат и вработените во локалната самоуправа, организирани од нивниот синдикат, како и синдикатите на наставниците и професорите од основните и средните училишта, синдикатот на здравствените работници од државните болници итн.
Попладнево, протест исто така пред грчкиот Парламент ќе одржи и синдикатот ПАМЕ на Комунистичката партија.

Вечерва во Парламент ќе биде гласањето на државниот буџет за 2026 година, кое традиционално во Грција се смета како глас за доверба на актуелната Влада.
Во петокот започна петдневната расправа за буџетот што се очекува да биде изгласан само пратениците од владејачката Нова демократија, кои имаат мнозинство во Парламентот.
Кусо пред гласањето, говори ќе имаат лидерите на партиите и на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис. ср/ми/
Фото: МИА