• сабота, 22 февруари 2025

Минчев: Реформата на јавната администрација е клучен приоритет за европската интеграција на Македонија

Минчев: Реформата на јавната администрација е клучен приоритет за европската интеграција на Македонија

Скопје, 4 февруари 2025 (МИА) - Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, во обраќање на настан денеска, посветен на презентација на Извештајот за мониторинг на СИГМА за 2024 година, ја нагласил важноста на реформите во јавната администрација како еден од клучните приоритети во пристапниот процес кон Европската Унија.

-Модернизацијата и унапредувањето на јавната администрација се темел на функционален јавен сектор, кој е двигател на секое демократско општество. Формирањето на Министерството за јавна администрација е стратешки одговор на Владата за забрзување на реформите и подобрување на ефикасноста и транспарентноста на институциите, истакнал Минчев.

Како што соопшти МЈА, тој додал дека Извештајот на СИГМА претставува значајна алатка за оценка на досегашните резултати и идентификација на областите во кои е потребно унапредување.

Посочил дека Министерството активно работи на имплементација на мерките од Стратегијата за реформа на јавната администрација, со посебен фокус на департизација, професионализација и воспоставување кохерентен систем на плати.

-Граѓаните мора да имаат доверба во институциите и да чувствуваат дека тие работат во нивни интерес. Затоа, реформите мора да бидат инклузивни, а процесот на креирање политики транспарентен. Подготвивме нови законски решенија – Закон за административни службеници, Закон за вработени во јавниот сектор и Закон за стручно усовршување – кои наскоро ќе бидат предложени на Владата и Собранието, посочил министерот.

Минчев го најавил и новиот Закон за инспекциски надзор, кој треба да воведе структурни промени за подобра координација на инспекциските служби и намалување на административните трошоци.

Во контекст на европските интеграции, истакнал дека критиките од Европската комисија за политичката поддршка и координацијата на реформите ќе бидат земени предвид за унапредување на процесот.

-Благодарни сме на СИГМА за нивната континуирана поддршка. Ова партнерство е клучно за градење капацитети и приближување кон европските стандарди,  заклучил министерот кој, како што наведува МЈА во соопштението, изразил уверување дека „со заеднички напори ќе се постигнат поставените цели за модерна и ефикасна јавна администрација“. хс/са/

Фото: Министерство за јавна администрација  

 

 

Остани поврзан