• сабота, 22 февруари 2025

Министерството за социјална политика со демант за изјавите на градоначалникот на Општина Врапчиште за состојбите на ЈОУДГ „Пранвера“

Министерството за социјална политика со демант за изјавите на градоначалникот на Општина Врапчиште за состојбите на ЈОУДГ „Пранвера“

Скопје, 12 февруари 2025 

Министерството за социјална политика, демографија и млади остро ги отфрла сите досегашни дадени изјави за медиумите од страна на градоначалникот на Општина Врапчиште, а во насока на вистината и точно информирање на јавноста за состојбите на ЈОУДГ „Пранвера“ Врапчиште го дава следниот демант:

Министерството и претходно ја извести јавноста и жителите на с.Врапчиште за постапувањето на градоначалникот на Општина Врапчиште, дека по одземање на ингеренциите на градоначалникот на општината во делот на именување на в.д.  директор на установата и поставување на в.д. директор од страна на министерството, го одзела возилото за дотур на храна од предучилишната установа (сопственост на општината)  иако во јуни месец 2021 година го дала на користење на неопределено време за што има и соодветен документ.

Причините за ваквиот чин на градоначалникот односно општината остануваат непознати и нејасни. Со оглед на тоа дека  возилото се користело  за дотур на храна за 40 деца згрижени во објектот во с. Добри Дол, кои по оваа постапка остануваат на цедило.
Но, небулозите не застануваат само со одземање на возилото, туку по налог на општината објектот кој е составен дел на училиштето во с.Добри Дол, останува без струја и греење, како и дел од централниот објект во с. Врапчиште каде што се приготвува храна за повеќе од 80 деца.

Поради овие причини, објектот во с. Добри Дол е заклучен и вон употреба, а дел од децата и  згрижувачко воспитниот и технички кадар префрлени се  во објектот во с. Врапчиште.

Министерството изврши надзор над  работата на органите и градоначалникот на  Општина Врапчиште при што беше укажано за пречекорувањето на нивните надлежности утврдени со Законот за заштита на децата.

При редовен инспекциски надзор во месец Декември 2024 година утврдено е дека Јавната  општинска  установа за деца -  Детска  градинка  ,,Пранвера“, Општина Врапчиште,  има изготвено  Годишна  програма  за  работа   на  установата   за  деца  за  2024/2025  која  е  донесена   од  Управниот  одбор  на  установата, а  Советот на О. Врапчиште донел  Одлука  за  давање  на согласност  на истата.
Согласно овој факт, очигледно  градоначалникот не ги познава одредбите од Законот за заштита на децата, ниту пак актите кои Советот на општината ги носи и усвојува.

За да биде трагедијата поголема, градоначалникот дава паушални, но истовремено и несериозни изјави за кривични одговорности кои ниту се основани, ниту правно издржани.

Министерството го советува градоначалникот во интерес на непречено одвивање на  дејноста згрижување и воспитание на деца во установата основана од  општината со која раководи, да ги прочита одредбите од Законот за заштита на децата и да се запознае со ингеренциите на функцијата Градоначалник и Совет на општина, бидејќи Јавна детска градинка се основа од страна на советот на општината, а средствата за основање и работа на установата ги обезбедува основачот во случајот Општина Врапчиште.

Министерството за социјална политика, демографија и млади од своја страна, а согласно закон, редовно и во целост ги исплаќа блок дотациите, средства наменети за предучилишните установи, во случајов и за Јавната  општинска  установа за деца -  Детска  градинка  „Пранвера“, Општина Врапчиште.

Министерството во интерес на надминување на состојбите и непречено одвивање на згрижување и воспитување на децата во предучилишната установа достави барање до Државниот инспекторат за локална самоуправа да изврши вонреден инспекциски надзор над работата на  органите во Општина Врапчиште и градоначалникот, согласно нивните ингеренции, а доколку е потребно ќе преземе мерки согласно позитивните законски прописи. 

Министерство за социјална политика, демографија и млади

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан