• петок, 05 декември 2025

Министерот за надворешни работи на Германија, Јохан Вадефул в понеделник и вторник во Белград во рамки на балканска турнеја

Министерот за надворешни работи на Германија, Јохан Вадефул в понеделник и вторник во Белград во рамки на балканска турнеја

Белград, 14 ноември 2025 (МИА) - В понеделник и вторник во Србија, ќе биде во посета министерот за надворешни работи на Германија, Јохан Вадефул. В недела од Сараево тој ќе започне тридневна турнеја за време на која ќе ги посети сите членки на Западен Балкан.

Вадефул ќе разговара со претседателот Александар Вучиќ во Белград в понеделник навечер, а со министерот за надворешни работи Марко Ѓуриќ и претставници на граѓанското општество во вторник наутро, објави германското Министерство за надворешни работи.

Пред да пристигне во Белград, Вадефул ќе ги посети Босна и Херцеговина, Црна Гора и Албанија.

В понеделник наутро ќе ја посети Црна Гора, каде што ќе разговара со премиерот Милојко Спајиќ и министерот за надворешни работи Ервин Ибрахимовиќ.

Во Албанија, в понеделник попладне, ќе се сретне со министерката за надворешни работи Елиса Спиропали и со шефот на Специјалното државно обвинителство за борба против корупцијата, организираниот криминал и тероризам.

Во вторник околу пладне, Вадефул ќе отпатува од Белград за Приштина, каде што ќе разговара со претседателката на Косово Вјоса Османи, премиерот во технички мандат Албин Курти и со германски војници во мисијата КФОР.

Турнејата ќе заврши во вторник вечерта во Скопје, со средби со премиерот Христијан Мицкоски и министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски.

Германското Министерство за надворешни работи изјави дека Берлин останува целосно посветен на европската перспектива на Западен Балкан и дека турнејата на Вадефул го потврдува тоа.

Фокусот на посетата, како што е наведено, ќе биде напредокот и предизвиците во процесот на проширување на ЕУ, а меѓу темите на дискусија ќе бидат реформите и регионалната стабилност и соработка. зш/

Остани поврзан