• понеделник, 15 декември 2025

Мими Роџерс во нова драма - „Соништа во возот“

Мими Роџерс во нова драма - „Соништа во возот“

Лос Анџелес, 15 декември 2025 (МИА) - Мими Роџерс - првата сопруга на Том Круз, се врати на  големото платно и на малите екрани, во филмот „Соништа во возот“ (Train Dreams). По киноприкажувањето во одбрани киносали во Холивуд и ширум САД, остварувањето на режисерот-сценарист Клинт Бентли сега е достапно на стрим-платформата „Нетфликс“.

Филмот е заснован на романот на Денис Џонсон. Драмата „Соништа во возот“, според ИМДБ, е трогателен портрет на Роберт Грејние - дрвосечач и железнички работник кој има живот полн со неочекувана длабочина и убавина во брзоразвивачката Америка од почетокот на 20 век. Просечната оценка на ИМДБ засега е 7,5 /10, од вкупно 29.000 гледачи кои го оцениле филмот.

Мими Ен Роџерс беше во брак со шест години помладата ѕвезда од А-листата глумци - Томас „Том“ Круз од 1987. до 1990 година, откако се запознале преку заеднички пријатели на вечера. Таа порасна во семејство верници во сајентологијата, па и го запознала Том со таа вера, што ја поттикна неговата децениска посветеност на оваа религија. Двојката изгледаше заљубена во текот на целиот брак, но таа 1990., на снимањето на „Денови на грмотевиците“ (Days of Thunder), Круз ја запозна својата идна сопруга, Никол Кидман, со која почна бурна романса и истата година се венчаа. Се разведоа во 2001., по 11 години брак, по што Том ја запозна својата трета сопруга - Кејти Холмс, во 2005, а година подоцна се венчаа...

Во една прилика, Роџерс изјави дека едвај чека да се оттргне од епитетот „сопругата на Том Круз“.

- Го чекам мигот кога веќе нема да морам да го споменувам... Тоа име... Знаете, веќе не сте индивидуа. Без разлика што пишува во статијата, тоа е 'сопругата на Том Круз'!, рече таа.

Мими Роџерс, родена како Мими Ен Спиклер, беше в брак со американскиот бизнисмен Џејмс Роџерс од 1976 до '80 година, но го задржа тоа презиме како уметничко и лично презиме. Таа потоа ја пронајде љубовта со продуцентот Крис Сијафа, кого го запозна на снимањето на „Четвртата приказна“ (Fourth Story) во 1990 година.  си/сд/

Фото: ЕПА.

Остани поврзан