• среда, 04 февруари 2026
МИА Општински пул

4 февруари 2026 

Свети Николе - Нови заштитни униформи Fire Max 3, работни панталони, свечени кошули, противпожарни црева и млазница е вредната донација која ја примиле пожарникарите од Територијалната противпожарна единица-Свети Николе при посетата на градот Мерано, во областа Јужен Тирол, Италија и на Словенија.

Во објавата на социјалните мрежи на ТППЕ-Свети Николе се вели дека делегација од ТППЕ-Свети Николе ја реализирале оваа работна посета во периодот од 28 јануари до 2 февруари, а во рамките на посетата оствариле средби и посети на неколку доброволни противпожарни друштва, каде што се запознале со нивниот систем на работа и начинот на функционирање.

-Исто така, беше реализирана и посета на фабриката Rosenbauer Group водечки производител на противпожарна опрема и возила.

Огромна благодарност до нашиот сограѓанин Љупчо Стаев кој живее во Мерано и лично ја обезбеди оваа донација за нас и Доброволното противпожарно друштво (ДПД) Свети Николе, која е од големо значење. Благодарност и до ДПД Лаберс (Freiwillige Feuerwehr Labers) од Лаберс, Мерано, кои исто така обезбедија униформи за нашата противпожарна единица. Голема брагодарност до ДПД Печаровци за обезбедената донација на заштитни униформи и чизми, велат од ТППЕ-Свети Николе. 

Крива Паланка – Професионално усовршување и јазична надградба за поголема конкурентност на меѓународниот пазар на труд е целта на регионалниот проект за заживување на францускиот јазик во кој активно се вклучи и средното општинско училишпте „Ѓорче Петров“, Крива Паланка.

Средношколците од стручните паралелки од Крива Паланка веќе од утре, 5 февруари, ќе бидат дел од првата работилница предводена од истакнатиот француски експерт, Силви Диспан, а можноста да им го пренесе нејзиното искуство како врвен професионалец, официјално е достапна со потпишаниот меморандум за соработка меѓу СОУ „Ѓорче Петров“ и Францускиот институт во Скопје.

-Оваа соработка официјализирана со меморандумот означува почеток на една исклучително значајна стратешка соработка меѓу СОУ „Ѓорче Петров“ – Крива Паланка и Францускиот институт во Скопје. Со потпишувањето на овој меморандум, нашето училиште станува активен дел од регионалниот проект за заживување на наставата по француски јазик. Преку јазични обуки наменети за учениците и корисни работилници анимирани од француски експерти, овој проект има за цел да ја зајакне улогата на францускиот јазик во стручното образование и да ја поддржи можноста за вработување на младите преку подобро владеење на францускиот јазик, изјави директорката на СОУ „Ѓорче Петров“, Крива Паланка, Елена Ѓоргиевска.

Кочани - Oпштина  Зрновци влегува во фаза на реализација на проектот „Изградба на локален пат од м.в. Оризни гумна до м.в. Друмот, село Видовиште“, откако вчера во просториите на Локалната самоуправа е потпишан договорот со изведувачот на работите, фирмата „Ескаватори“ од Урошевац, Косово.

Според информациите од градоначалникот Ванчо Митев, вкупната вредност на градежните работи изнесува 5.302.620,00 денари без ДДВ, додека износот за ДДВ достасува до 954.472,00 денари. Средствата за реализација на проектот ги обезбеди Министерството за транспорт 

-Проектот се реализира како одговор на долгогодишните барања на граѓаните на село Видовиште и има за цел подобрување на локалната патна инфраструктура, зголемување на безбедноста во сообраќајот и создавање подобри услови за секојдневно движење и локален развој, вели Ванчо Митев, градоначалник на најмалата општина во државата - Зрновци.

Велес - Избрана е фирма изведувач за целосна реконструкција на фреквентна улица  „11 Октомври“ во новиот дел на Велес, а која води до повеќе станбени згради, до  Трговскиот  центар и Мало пазарче, и маркетите и угостителски и трговски објекти   во овој дел од градот. Финансиските средства се обезбедени во соработка со Владата  и Министерството за транспорт, информира денеска градоначалникот Марко Колев.

Воедно најави дека градежните зафати ќе започнат со создавање на поволни временски услови за работа на терен.

Инаку оваа улица  е еднонасочна и во голем дел коловозот е  многу оштетен од бројните возила, а со години наназад не  е реконструирана.

Скопје - Трилатерална конференција посветена на унапредување на вклучувањето на лицата со попреченост и зајакнување на регионалната соработка за одржлив развој ќе се одржи денеска во Скопје. Организатори се здружението Институт за развој на заедницата, во партнерство со Фондацијата „Преда плус“ и АДРФ (Albanian disability rights foundation) и со поддршка од партнерски организации, а во рамките на регионалната иницијатива Empowered, соопштија организаторите.

- Носител на проектот е АСБ South East Europe. Проектот е финансиран од страна на Сојузното министерство за економска соработка и развој на Сојузната Република Германија (БМЗ). Оваа конференција на едно место ги собира претставниците на релевантните министерства, организации на лица со попреченост, експерти и приватниот сектор од Република Северна Македонија, Албанија и Косово - појаснија организаторите.

Остани поврзан