МИА Општински пул
- 26 декември 2025
26 декември 2025
Битола - Антонио Петковски, студент во трета година на Tехничкиот факултет во Битола, е избран за нов претседател на Универзитетското студентско собрание (УСС) при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ (УКЛО)-Битола.
Петковски и новите членови на студентското Собрание се избрани со тајно гласање, соопштија од УКЛО-Битола.
-Мојата главна цел е обединување на факултетите и поттикнување поголема меѓусебна соработка, креативност и целосно искористување на студентскиот потенцијал. Изборот за претседател го доживувам како голема одговорност, исполнета со сериозни предизвици, истакна Петковски по изборот за нов лидер на Универзитетското студентско собрание.
УСС и новиот лидер Антонио Петковски во мандатниот период ќе се грижат за квалитетот на животот на студентот и квалитетот на процесот на студирање, студентскиот стандард, остварувањето на студентските права и интереси и за студентската културна, социјална и интелектуална надоградба.
Крива Паланка - Зајакнување на улогата на францускиот јазик во стручното образование, унапредување на обуката и поддршка на вработливоста на младите од Балканот преку прилагодено познавање на францускиот јазик, се дел од целите на регионалниот проект за заживување на наставата по француски јазик во средните училишта што почна да се имплементира во средното општинско училиште „Ѓорче Петров“, Крива Паланка.
-Акцентот е ставен на зајакнување на улогата на францускиот јазик во стручното образование, како и на обука и поддршка на вработливоста на младите на Балканот преку прилагодено познавање на францускиот јазик. Во рамки на проектот се опфатени 25 ученици од економско-правната струка кои преку интерактивни симулациски активности со улоги соодветни на струката, како„продавач – купувач“, учат да ги усовршуваат економските вештини, но и францускиот јазик со креативни фрази и практична комуникација, што им помага да го користат јазикот самоуверено и природно, информира директорката на СОУ „Ѓорче Петров“, Крива Паланка, Елена Ѓоргиевска.
Регионалниот проект е поддржан од француското Министерство за Европа и надворешни работи, Амбасадата на Франција во државата, Француски институт и македонското Министерство за образование и наука.
Дебар - Во организација на здружението „Хуманитарен божиќен базар", со свечена атмосфера, топлина и искрена радост, синоќа во Кичево започна Божиќниот базар, настан, кој секоја година носи посебна светлина во пресрет на големиот христијански празник – Рождеството Христово.
Градскиот плоштад се претвори во празнично собиралиште, украсено со божиќни светилки, елки и симболи кои го најавуваат времето на љубовта, надежта и духовното обновување.
-Божиќниот базар претставува повеќе од културно-забавен настан. Тој е простор каде што се спојуваат традицијата и современоста, каде што граѓаните имаат можност да уживаат во рачно изработени подароци, празнични украси, домашни производи и традиционални вкусови, но и да го почувствуваат вистинскиот дух на Божиќ – духот на заедништвото и дарувањето, велат за МИА од здружението „Хуманитарен Божиќен базар".
Додаваат дека посебен белег на базарот е можноста за меѓусебна средба, разговор и споделување искрена радост меѓу сите генерации.
-Овој празничен настан е резултат на заеднички напор и добра соработка, при што посебна благодарност упатуваме до градоначалникот на Општина Кичево, Александар Јовановски, за неговата поддршка, ангажман и посветеност во создавањето на празнична атмосфера која го обединува градот, додаваат од здружението.
Скопје - Жителите на Општина Кисела Вода добија можност правилно да го одлагаат текстилниот отпад, откако беа поставени специјални контејнери за текстилен отпад пред сите месни заедници.
Со оваа иницијатива, Кисела Вода воспоставува функционален и одржлив систем за селектирање и рециклирање на текстилен отпад, во соработка со лиценцираната компанија ЕКО-ТЕКС ГРУП ДОО Скопје. На овој начин се овозможува правилно одлагање на употребената облека и домашниот текстил, како и активно вклучување на граѓаните во процесите за заштита на животната средина.
По новогодишните празници, како што ибформираат од општината, поставувањето на вакви контејнери ќе продолжи и во основните училишта, со што иницијативата ќе добие и силна едукативна компонента, насочена кон развивање на еколошката свест кај најмладите и создавање одговорни навики уште од најрана возраст.
Охрид – Со изведба на новогодишни песни на дечињата од „Распеано рибарче“ синоќа во „Охрид мол“ се одржа завршниот настан од традиционалната хуманитарна акција „Волшебна елка“ што ја организира Општинската организација на Црвениот Крст од Охрид.
Во акцијата се вклучија голем број хумани граѓани, институции, здруженија, поединци кои исполнија бројни новогодишни желби на децата од социјално загрозени семејства.
Тие ги обезбедија подароците што децата ги ставија во лампионите и на тој начин развеселија повече од 80 дечиња од Охрид и Дебрца кои живеат во социјален ризик. Децата со добиените подароци се сликаа со нивниот омилен лик Дедо Мраз.
Од Црвен Крст – Охрид изразуваат благодарност до партнерот во акцијата „Охрид Мол“, до сите основни училишта во Охрид и Дебрца за соработката, секако и благодарност за учеството и поддршката во организирање на оваа акција на сите поединци, институциите, здруженија.
Велес – Народниот музеј синоќа во Ликовниот салон во Велес свечено ја отвори археолошката изложба на камени споменици „Memento vivere“ на која е претставен само дел од нивната богата збирка со околу 100 камени споменици.
Анита Василкова-Мидоска, кустос, советник археолог од оваа установа е авторка на изложбата на која преку археолошки предмети и фотографии се презентирани најзначајните примероци од оваа збирка што соджи архитектонски елементи, релјефи и камена пластика.
Василкова-Мидоска информираше дека нивната археолошка зборка изобилува со камени споменици кои опфаќаат широк регион на Повардарието - од Велес па се до гевгелиско-валандовско-дојранскиот простор.