Мекиќ: Имаме добар спој на младост и искуство, очекувам добри игри и позитивни резултати
- Македонскиот кошаркарски репрезентативец Адем Мекиќ, е оптимист во пресрет на натпреварите од ноемвриски ФИБА „прозорец“.
Скопје, 26 ноември 2025 (МИА) – Македонскиот кошаркарски репрезентативец Адем Мекиќ, е оптимист во пресрет на натпреварите од ноемвриски ФИБА „прозорец“.
- Како што е веќе познато, во секој нареден циклус имаме нов состав. Се надевам на одлична, пред се, тимска хемија, затоа што, за разлика од летото, имаме спој на младост и искуство. Имаме играчи како Војдан Стојановски, потоа Стојан Ѓуроски, тука е и Андреј Јакимовски... сигурно на хартија сме подобра екипа од што бевме летоска. Пред се поискусна, подоминантна екипа. Се надевам на добри игри, на добри мечеви, на енергетски и тимски план, и на позитивни резултати, изјави Мекиќ за КФСМ.
Дополнува и тоа дека предноста која ја носи домашниот терен, едноставно, мора да се искористи, веднаш, уште на мечот со репрезентацијата на Азербејџан.
- Првиот меч го играме дома, тоа е еден голем плус за нас. Овој циклус е таков каде нема многу време за тактика. Во овој циклус ќе одлучува тимската хемија и енергијата. Прв противник ни е Азербејџан, немам јасна слика за нив, но од она што го чув во Косово затоа што тие играа претходно со нив, информациите се дека играат цврста кошарка. Сигурен сум дека тренерите ќе ги обезбедат сите информации и ќе влеземе спремни за натпреварот со нив, додава репрезентативното крило.
Натпреварот со Азербејџан ќе се игра утревечер во СРЦ „Кале“ во Скопје со почеток во 19 часот.
Вториот е три дена подоцна (30 ноември) против репрезентацијата на Ирска на гостински терен. зс/
Фото: КФСМ