МВР билтен
- Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против А.И.(24) од Гостивар поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори‘‘.
Скопје, 12 ноември 2025 (МИА) - Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против А.И.(24) од Гостивар поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори‘‘. На 07.11.2025 во Гостивар, полициски службеници извршиле преглед над пријавениот, при што била пронајдена и одземена марихуана.
СВР Тетово поднесе кривична пријава против А.М.(39) од село Горно Палчиште, општина Боговиње, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“. На 01.08.2025 пред продажен објект во с.Горно Палчиште, пријавениот физички го нападнал Б.А. од истото село.
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Струга поднесе кривична пријава против Б.Б.(44) од Струга поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „напад на службено лице при вршење на службени работи од областа на безбедноста“. На 27.10.2025, полициски службеници го затекнале пријавениот со повеќе лица при незаконит риболов на Црн Дрим, при што тој физички нападнал еден полициски службеник.
СВР Тетово поднесе кривична пријава против С.Т. од с.Блаце, општина Брвеница, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „измама“. На 21.02.2025 пријавениот склучил договор кај нотар со друго лица за купопродажба на патничко возило „мерцедес“, по што на негово барање лицето дозволило возилото да остане уште неколку дена кај С.Т.. Но, и по завршување на рокот, С.Т. не му го дал возилото на лицето, туку го продал на трето лице.
Синоќа на различни локации во Скопје полициски службеници од СВР Скопје ги лишија од слобода И.М.(25), П.Т.(19), Ѓ.Д.(44), С.Г.(28), Е.Г.(29) и Џ.Е.(32), сите од Скопје и В.С.(29) од Штип, затоа што кај нив се пронајдени и одземени прашкаста материја и марихуана. По целосно документирање на случаите, против нив ќе следуваат соодветни поднесоци.
Во СВР Скопје вчера во 13:10 часот е пријавено дека на крстосница од ул.„Јани Лукровски“ и сервисна улица во Скопје, патничко возило „мицубиши“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Ј.П.(24) од Скопје, удрило во 65-годишната С.Т. од Скопје. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила С.Т., констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“. Извршен е увид од увидна екипа од СВР Скопје.
Во СВР Битола вчера во 14:01 часот е пријавено дека на крстосницата од ул.„4 Ноември“, ул.„Влатко Миленковски“ и ул.„Димитар Илиевски-Мурато“ во Битола се случила сообраќајна несреќа помеѓу товарно возило „фолксваген“ со битолски регистарски ознаки, управувано од Х.О.(20) од Битола и електричен тротинет „шаоми“, управуван од 20-годишната А.Р. од Прилеп. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила А.Р., констатирани во Клиничката болница Битола. Извршен е увид од увидна екипа од СВР Битола.
Во Полициската станица Радовиш вчера во 12:30 часот е пријавено дека на бул.„Александар Македонски“ во Радовиш, патничко возило „шевролет“ со радовишки регистарски ознаки, управувано од С.Д.(72) од Радовиш, удрило во пешакот С.Г.(66) од Радовиш, по што возачот со возилото го напуштил местото, но потоа самиот се вратил. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила С.Г., констатирани во Здравствен дом Радовиш, а увид на местото изврши екипа на ОВР Радовиш.
На Граничниот премин Табановце вчера во 16:00 часот, на влез во државата, полициски службеници го лишија од слобода В.Ч.(42) од Австрија. При гранична контрола и преглед на патничко возило со австриски национални ознаки, кое го управувал, во неговиот личен багаж е пронајдена и одземена марихуана. Тој е предаден на полициски службеници од СВР Куманово за понатамошна постапка и по целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава.
Вчера во периодот од 11:00 до 16:00 часот, полициски службеници од СВР Тетово во содејство со социјални работници од Центарот за социјални работи Тетово постапиле по планот за преземање мерки и активности за сузбивање на питачење. Притоа, во 12:20 часот на кружен тек од ул.„Маршал Тито“ и ул.„Илинденска“ во Тетово, при питачење била затекната Н.Ф.(42) од Тетово, додека во 12:50 часот на ул.„Илинденска“ во Тетово била затекната како питачи М.Д.(19) од Кочани, која била со своите две малолетни деца на возраст од четири и една година. Тие се преземени од Центарот за социјални работи Тетово за понатамошна постапка и ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.
Г.М.(39) од Скопје вчера во 20:00 часот во СВР Скопје пријави дека околу 15:50 часот на подрачјето на Центар, неговиот 12-годишен син бил физички нападнат од Б.Љ., кој потоа со остар предмет му нанел расекотина и му го оштетил велосипедот. Малолетникот е пренесен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ за укажување на лекарска помош и се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.
Љ.С.(37) од Пехчево вчера во 21:55 часот во СВР Скопје пријави дека на подрачјето на Центар бил физички нападнат од Ѓ.Ј.(25) од село Канатларци, прилепско и С.К.(26) од Турција. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
Ноќеска на полноќ во Полициската станица Карпош, од Јавна установа за згрижување на деца е пријавено дека од установата се оддалечил нивниот штитеник А.Х.(13), кој и претходно се оддалечувал и бил враќан. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.
Ф.К.(68) од Скопје вчера во 18:35 часот во Полициското одделение Шуто Оризари пријави дека од домот се оддалечила неговата внука Х.К.(21), која имала здравствени проблеми. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.вј/
Фото: МИА архива