• сабота, 22 февруари 2025

МВР Билтен (ДПЛ)

МВР Билтен (ДПЛ)

Скопје, 8 февруари 2025 (МИА) - Вчера во 15 часот во СВР - Скопје, 91-годишна скопјанка пријавила дека била измамена од едно лице за сума од 300.000 денари.

Според пријавеното, лицето ѝ се јавило телефонски, се претставило како полициски службеник и ѝ кажало дека нејзиниот внук и неговата сопруга предизвикале сообраќајна несреќа - прегазиле дете и доколку не сака тие да лежат во затвор, требало да плати. Како што е пријавено, таа ги оставила парите на договореното место, а откако се слушнала со нејзината снаа, сфатила дека била измамена. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Вчера во 11:45 часот во ОВР - Кавадарци било пријавено дека во каменолом во близина на село Дебриште, општина Росоман, К.К., 61-годишен кавадарчанец, додека вршел работни задачи - управувал товарно возило „мерцедес“ со кавадаречки регистарски ознаки, возилото се превртело.

Притоа, тој се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во болницата во Кавадарци. Известен бил јавен обвинител, а увид на местото извршила увидна екипа од ОВР - Кавадарци. 

Синоќа во 19:35 часот во Кратово, полициски службеници го лишиле од слобода М.С., на возраст од 56 години од овој град, постапувајќи по претходна пријава дека во семејниот дом физички ја нападнал својата сопруга, при што употребил и тврд предмет.

По документирање на случајот, ќе следува соодветен поднесок.

Вчера во 2:25 часот во кривопаланечко село, полициски службеници од ОВР - Крива Паланка го лишиле од слобода Б.М., 40-годишник од селото, постапувајќи по претходна пријава дека претходниот ден во семејниот дом физички ја нападнал својата 39-годишна сопруга.

По документирање на случајот, ќе следува соодветен поднесок.   

Вчера во 11:55 часот пред трговски центар на подрачјето на Центар, полициски службеници од СВР - Скопје го лишиле од слобода З.С., 45-годишен скопјанец, затоа што физички нападнал полициски службеник кој извршувал службени дејствија.

По документирање на случајот, ќе следува соодветна пријава.  

Денеска во 2:24 часот, А.И., на возраст од 21 година од Скопје, пријавил дека околу 2:10 часот во село Долно Лисиче, скопско, по кратка расправија со три машки лица, бил физички нападнат од едното од нив.

Се преземаат мерки за расчистување на случајот. 

Вчера во 17:40 часот во СВР - Скопје било пријавено дека во аптека на подрачјето на општина Аеродром, едно машко лице со закана од вработената одзело пари од дневниот промет.

Се преземаат мерки за расчистување на случајот.   

Синоќа во 22:30 часот, С.А., 42-годишник од Скопје, пријавил дека во автобус на ЈСП Скопје на подрачјето на Ѓорче Петров, четворица малолетници со употреба на физичка сила, од неговиот малолетен син одзеле личен предмет, а откако излегле од автобусот, двајца од нив физички го нападнале.

Се преземаат мерки за расчистување на случајот.    

Денеска во 8:15 часот во СВР - Скопје било пријавено дека во текот на ноќта со употреба на сила и погоден алат, било влезено во аптека на подрачјето на Бит Пазар и биле одземени пари од касата.

Извршен бил увид од увидна екипа од СВР - Скопје. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Синоќа во 23:29 часот било пријавено дека на подрачјето на Кисела Вода, настанал пожар во куќа, сопственост на М.Л., 88-годишно лице од Скопје.

Од екипа на Бригадата за противпожарна заштита - Скопје, пожарот бил изгаснат, а повредени лица, нема. Извршен бил увид. 

Вчера во девет часот во полициската станица - Свети Николе било пријавено дека околу осум часот во село Ерџелија, светиниколско, настанал пожар во куќа, сопственост на Д.С., 43-годишно лице.

Од екипа на Територијалната противпожарна единица - Свети Николе, пожарот бил изгаснат, а повредени лица, нема. Извршен бил увид од увидна екипа од ОВР - Свети Николе.   

Вчера во 18:58 часот, Ј.С. пријавил дека во домот на подрачјето на Кисела Вода го пронашол починат неговиот 64-годишен татко Т.С. од Скопје.

Лекар од Итна медицинска помош констатирала смрт, а по наредба на јавен обвинител, телото на починатиот било дадено на обдукција. 

Синоќа во 20 часот, полициски службеници од ОВР - Виница го пронашле А.М., на возраст од 16 години од Струмица, штитеник на Мал групен дом за деца без родители и родителска грижа во Штип.

За него, на 24 јануари во СВР - Штип од Јавната установа Меѓуопштински центар за социјални работи - Штип беше пријавено дека се оддалечил од установата.    

Вчера во ОВР - Кичево, Б.С., на возраст од 35 години од кичевското село Карбуница, пријавил дека на улица „Рудничка“ во градот бил каснат од куче скитник.

Истиот ден, Р.И., на возраст од 71 година од Кичево, пријавила дека на улица „Партизански одреди“ во градот била касната од куче скитник. бд/

Фото: МИА архива

Остани поврзан