• петок, 21 февруари 2025

МВР Билтен (ДПЛ)

МВР Билтен (ДПЛ)

Скопје, 31 јануари 2025 (МИА) - На 31.01.2025 во 08.50 часот во Куманово, полициски службеници од СВР Куманово ги лишиле од слобода С.З.(34) и В.М.(40) од Куманово. Тие се сомничат дека претходно во продажен објект на улица „11 Октомври“ во Куманово со закана со остар предмет кон вработената одзеле пари од дневниот промет. Тие биле приведени во полициска станица и по целосно документирање на случајот, против нив ќе следува соодветна пријави.  

На 30.01.2025 во 16.00 часот во СВР Куманово, 66 - годишна жена од Куманово пријавила дека била измамена од едно лице за сума од 2500 евра. Според пријавеното, лицето ѝ се јавило на телефон и претставувајќи се како полициски службеник ја известило дека нејзината ќерка предизвикало сообраќајна незгода во која прегазила дете мигрант и ќе треба да плати одредена сума на пари за да не одговара кривично. Како што е пријавено, таа ги однела парите на договореното место, а подоцна се слушнала со нејзината ќерка и сфатила дека е измамена односно дека нема никаква сообраќајна незгода. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 30.01.2025 во 17.00 часот во СВР Куманово, 83 - годишен маж од Куманово пријавил дека бил измамен од едно лице за сума од 100.000 денари. Според пријавеното, лицето му  се  јавило на телефон и претставувајќи се како полициски службеник му кажало дека неговите син и снаа предизвикале сообраќајна незгода во која прегазиле дете мигрант и ќе треба да плати одредена сума на пари за да не одговараат кривично. Како што е пријавено, тој ги однел парите на договореното место, а подоцна се слушнал со неовиот син и сфатил дека е измамен односно дека нема никаква сообраќајна незгода. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.  

На 30.01.2025 во 11.30 часот во СВР Скопје, од Казнено - поправната установа Затвор Идризово било пријавено дека околу 10.30 часот во кругот на установата била пронајдена марихуана. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 30.01.2025 во ОВР Пробиштип било пријавено дека околу 09.40 часот во семејниот дом, по претходна расправија помеѓу родителите, 16 – годишно девојче од Пробиштип со остар предмет го нападнало и му нанело убодна рана на својот татко И.А.(46). Тој бил пренесен во Здравствен дом Пробиштип, каде му била укажана помош, а по извршен преглед малолетничката била пренесена во здравствена установа. Во ОВР Пробиштип, во присуство на претставници од Центарот за социјални работи Пробиштип, бил извршен разговор со нејзината мајка и другите две деца. За настанот бил известен јавен обвинител и по негово целосно документирање ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 31.01.2025 во 01.30 часот на улица „Есат Мезелџиу“ во Дебар, полициски службеници од ОВР Дебар го лишиле од слобода А.Љ.(23) од Дебар. Тој, претходно, на улица „Јусуф Багери“ во Дебар, управувајќи  возило „мерцедес“ со дебарски регистарски ознаки, не застанал на полициската патрола од Полициската станица за безбедност во патниот сообраќај Дебар и се дал во бегство. Набргу, по преземени мерки, тој бил сопрен на улицата „Есат Мезелџиу“ и било констатирано дека не поседувал возачка дозвола и дека возилото го управувал под дејство на алкохол. По целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

Денеска (31.01.2025) во 00.30 часот во СВР Скопје, 35-годишна жена од Скопје пријавила дека во домот на подрачјето на Кисела Вода била физички нападната од нејзиниот сопруг Б.А., кој ѝ упатил и закани со остар предмет. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 30.01.2025 во 20.30 часот во СВР Скопје, од Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје било пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди бил донесен 17-годишник од скопско. Според пријавеното, на автобуска постојка на подрачјето на Центар тој бил физички нападнат од неколку лица. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 30.01.2025 во 14.55 часот во ОВР Неготино било пријавено дека во кругот на фабрика во село Дуброво, неготинско, со работна машина (вилушкар), управувана од З.Б.(51) од Неготино, бил удрен вработениот Б.И.(26) од Неготино. Притоа, тој се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во болницата во Кавадарци. Увид извршила увидна екипа од ОВР Неготино.

Денеска (31.01.2025) во 04.30 часот во СВР Скопје, Н.И.(31) од с.Голема Речица, тетовско, пријавил дека на 30.01.2025 околу 23.30 часот во с.Копаница, скопско, тој и А.В.(25) од с.Бозовце, тетовско, биле физички нападнати од Х.А., Ш.А и уште неколку други лица, кои употребиле и тврди предмети. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 30.01.2025 во 18.00 часот во СВР Скопје, Ж.М.Х.(52) од Скопје пријавила дека на 29.01.2025 околу 08.30 часот на подрачјето на Гази Баба била физички нападната од С.„Н“. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 30.01.2025 во СВР Скопје било пријавено дека околу 04.00 часот на подрачјето на Шуто Оризари едно лице предизвикало пожар во куќа, сопственост на Џ.Ј.(42) од с.Орешани, општина Зелениково. Пожарот бил изгаснат од екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје. Извршен бил увид и се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 30.01.2025 во 15.00 часот во СВР Скопје, М.К.(27) од Скопје пријавил дека околу 11.00 часот во Основен кривичен суд Скопје, каде бил во својство на сведок, обвинетиот Б.С. физички го нападнал и му упатувал закани. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 30.01.2025 во 18.00 часот во Полициска станица Неготино, Д.Т.(60) од Неготино, пријавил дека од семејниот дом се оддалечил неговиот син М.Т.(28), кој имал здравствени проблеми. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.
На 30.01.2025 во 17.15 часот во Полициската станица Центар, М.Д.(27) од Скопје пријавил дека на бул.„Крсте Петков Мисирков“ во Скопје бил каснат од куче скитник.

На 30.01.2025 во 19.40 часот во Полициската станица Кисела Вода, С.А.(51) од Скопје пријавила дека на ул.„Ѓорѓи Димитров“ во Скопје била касната од куче скитник.
 
На 30.01.2025 во 14.15 часот во Полициската станица Гази Баба, Б.Н.(75) од с.Инџиково, скопско, пријавила дека на ул.„Жан Жорес“ во Скопје била касната од куче скитник.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Крива Паланка поднесе кривична пријава против М.Г.(18) од Крива Паланка поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „тешка телесна повреда“. На 24.12.2024 во училиште во Крива Паланка, пријавениот физички го нападнал Ф.С., при што му нанел тешка телесна повреда.
             
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Крива Паланка поднесе кривична пријава против С.В.(42) од Ранковце поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување со опасно орудие при тепачка или караница“. На 18.01.2025 во магацин на продажен објект во с.Ранковце, по претходна расправија, пријавениот со остар предмет упатил закани кон А.Н. и други лица.
 
СВР Штип поднесе кривична пријава против Т.Ј.(33) од Штип поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „тешка кражба на дрзок начин“, „тешка кражба во обид“   и „разбојничка кражба“. На 26.01.2025, пријавениот влегол во куќа во Штип и одзел пари во различни апоени и други предмети. Притоа, пријавениот бил затекнат од сопственикот Л.П., по што меѓу нив настанала физичка пресметка.

СВР Битола поднесе кривична пријава против М.Ј.П.(27) поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори”. Полициски службеници, со судска наредба, извршиле претрес во домот на пријавениот, при што биле пронајдени и одземени марихуана и канабис.

СВР Битола поднесе кривична пријава против Б.Б.(45) од Битола поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“. На 24.01.2024 во Битола, полициски службеници извршиле претрес во домот на пријавениот, при што биле пронајдени и одземени муниција за огнено оружје од различен калибар и револвер.

СВР Скопје поднесе кривична пријава против Д.Т.(35) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори” и „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“. На 26.01.2025 во Скопје, полициски службеници извршиле претрес во домот на пријавениот, при што биле пронајдени и одземени кокаин, пиштол „Застава“ калибар 9 мм и куршуми калибар 9 мм.

СВР Велес поднесе кривична пријава против К.Г.(65) од с.Мартолци, општина Чашка, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“. На 01.05.2024 во с.Мартолци, полициски службеници извршиле претрес во домот на пријавениот, при што биле пронајдени и одземени ловечка пушка и патрони за пушката.

СВР Велес поднесе кривична пријава против Б.А.(65) од с.Дреново поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“. На 08.08.2024 во Неготино, полициски службеници извршиле претрес во домот на пријавената, при што биле пронајдени и одземени сигнален пиштол „Зораки“ и куршуми.

СВР Охрид поднесе кривична пријава против Р.К.(62) од с.Велестово, охридско, и против Б.И.(51) од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело  „бесправно градење“. На катастарска парцела во с.Велестово, пријавените започнале со градење на индивидуална семејна куќа за живеење без да поседуваат соодветна документација од надлежен орган. вг/

Фото: МИА Архива

 

 

Остани поврзан