• четврток, 26 декември 2024

МВР билтен (ДПЛ)

МВР билтен (ДПЛ)

Скопје, 10 декември 2023 (МИА) - ОВР Радовиш поднесе кривична пријава против К.Ѓ.(34) од Радовиш, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „примање поткуп“. Пријавениот, вработен во Државен пазарен инспекторат - инспектор во Одделение за инспекциски надзор Струмица во Гевгелија, Валандово и Радовиш, во периодот од јуни до ноември 2023 година, во шест наврати од шест лица примил вкупно 21.000 денари и 150 евра за да не изврши службени дејствија. 

Синоќа од 23:00 до 5:00 часот на подрачјето на СВР Охрид преземени се засилени контроли во патниот сообраќај. Притоа, полициските службеници затекнале 11 возачи кои управувале моторни возила под дејство на алкохол (Охрид - 04, Струга - 01, Кичево - 06). Тие веднаш се исклучени од сообраќај, одземени им се возачките документи и поднесени им се соодветни платни налози.

Вчера во 23:30 часот било пријавено дека на бул.„Видое Смилевски Бато“ се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „рено твинго“, управувано од И.С.(42) од Скопје и автобус „ман“, управуван од И.Љ.(56) од Скопје, двете со скопски регистарски ознаки. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот на возилото, а со телесни повреди се здобила неговата сопатничка А.С.Т.(39) од Скопје, констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје. 

На автопатот „Пријателство“, на патниот правец од Куманово кон Граничен премин „Табановце“, во близина на село Табановце, вчера околу 20:15 часот од страна на полициски службеници од Полициската станица за граничен надзор Сопот биле затекнати 13 илегални мигранти од Сирија кои претходно биле истоварени од три патнички возила, по што возачите заедно со возилата го напуштиле местото. Известен е Јавен обвинител, а лицата мигранти биле пренесени во Транзитниот центар Табановце за понатамошна постапка. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

З.С.(62) од Кичево вчера во 13:00 часот во надлежната полициска станица пријави дека на улицата „Маршал Тито“ во Кичево бил каснат од куче скитник. Истиот ден, во 16:15 часот, Б.Б.(55) и Х.П.(25), двајцата од Кичево, пријавија дека на улицата „Магистрален пат“, односно на „Методија Стефаноски“ во Кичево, биле каснати од куче скитник.

Л.А.(20) од Скопје утрово во 4:50 часот во СВР Скопје пријавил дека околу 3:20 часот во дискотека во Градскиот парк во Скопје, бил физички нападнат од едно лице. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

М.Ј.(66) од Скопје синоќа во 1:30 часот во СВР Скопје пријавил дека вчера околу 23:30 часот на подрачјето на Гази Баба бил физички нападнат од П.П., кој бил со уште неколку лица, а поради претходни недоразбирања околу должничко-доверителски односи кој неговиот син ги имал со пријавениот. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

СВР Скопје поднесе кривична пријава против М.Н.(58) од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 04.10.2023, полициски службеници извршиле претрес во домот и два локали на пријавениот, при што пронашле и одзеле кокаин.

Д.Н.(57) од Скопје вчера во 8:46 часот во СВР Скопје пријавил дека околу 1:00 часот на подрачјето на Аеродром бил физички нападнат од неколку лица. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

К.Н.(39) од Скопје вчера во 11:00 часот во СВР Скопје пријавила дека околу 9:00 часот на подрачјето на Гази Баба била физички нападната од Р.П.(39) од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следи соодветен поднесок.

Во СВР Скопје вчера во 14:00 часот било пријавено дека на подрачјето на Гази Баба, по претходни недоразбирања околу должничко-доверителски односи, бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу С.К.(43) и Т.Т.(51), двајцата од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следи соодветен поднесок.

Единицата за економски и компјутерски криминал при СВР Скопје поднесе кривична пријава против С.Р.(28) од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување исправа“, казниво по член 378 од Кривичниот законик. Имено, С.Р. набавил фалсификувана возачка дозвола за управување на моторни возила од В, С1, С, F, G и М категорија, со негови лични податоци, и таквата возачка дозвола на 16.08.2022 ја приложил при извршена сообраќајна контрола од страна на полициски службеници на патниот правец Скопје – Велес, при што било констатирано кривичното дело.

А.С.(19) од Скопје утрово во 5:05 часот во СВР Скопје пријавил дека околу 3:20 часот во дискотека во Градскиот парк во Скопје бил физички нападнат од три лица, меѓу кои и  К.С., кој го познавал. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

М.Т.(48) од Скопје вчера во 15:10 часот во СВР Скопје пријавила дека околу 12:25 часот на подрачјето на Центар, нејзината малолетна ќерка била физички нападната од едно лице. Се преземаат мерки за расчистување на настанот.

СВР Струмица поднесе кривична пријава против К.Д.(33) од Радовиш, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори“. На 09.12.2022 пред казино во Радовиш, полициски службеници извршиле преглед над две лица, при што кај едното била пронајдена марихуана, за која изјавил дека ја купил од пријавениот. Набргу, пријавениот бил пронајден и при преглед кај него, исто така, била пронајдена и одземена марихуана.

Д.Ј.(40) од Скопје вчера во 21:45 часот во Полициската станица Гази Баба пријавил дека од домот се оддалечил Б.Ј.(65), кој имал здравствени проблеми. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

СВР Куманово поднесе кривична пријава против Д.П.(34) од Куманово, М.К.(24) од Куманово, Д.Н.(34) од Штип, Д.Т.(27) од Куманово, С.М.(51) од Куманово и С.Ѓ. од Куманово, поради постоење на основи на сомнение дека првопријавениот ги сторил кривичните дела „злосторничко здружување“, „лихварство“, „изнуда“ и „незаконито влијание врз сведоци“, второпријавениот за кривичните дела „лихварство“ и „изнуда“ в.в чл.24, додека трето, четврто, петто и шестопријавениот за кривично дело „лихварство“ в.в „помагање“. Првопријавениот, откако создал и организирал група со намера за себе и за другите да прибави противправна имотна корист, искористувајќи им ја тешката имотна состојба на оштетени лица, со сериозни закани и присила присвојувал за себе и за групата значителна имотна корист. Во периодот од 2018 до 2023 година, првопријавениот незаконски давал позајмици на оштетени лица, преку префрлање на одредена сума на парични средства на оштетените или останатите пријавени ги префрлале паричните средства по насоки на првопријавениот, а потоа со присилба и изнуда барале од оштетените веднаш да ги подигнат паричните средства и половина од вредноста да ги дадат на пријавените, за потоа со несразмерна камата да ја враќаат позајмицата. Откако оштетените не можеле да го вратат долгот, пријавените со присилба и закани барале да склучат купопродажни договори на нотар со оштетените за разни движни и недвижни ствари, како гаранции за заемите. Дури и во случаи кога  оштетените лица го вратиле долгот, првопријавениот и останатите продолжувале со заканите, барајќи оштетените да го враќаат долгот со несразмерна камата и присилно, преку склучени договори на нотар, им биле префрлани движни и недвижни ствари како подарок.

Во СВР Скопје вчера во 20:27 часот било пријавено дека на подрачјето на Карпош,  во објект на резиденција на дипломатско претставништво, во кој во моментот никој не престојувал, било влезено со употреба на сила. Се преземаат мерки за расчистување на настанот.

Ш.К.(58) од Скопје вчера во 10:11 часот во СВР Скопје пријавил дека околу 9:30 часот на подрачјето на Чаир, во подрумска просторија во негова сопственост, пронашол торба во која имало пушка со неколку рамки. Полициски службеници од СВР Скопје излегле на местото, при што било утврдено дека во торбата има една автоматска пушка, три рамки од автоматска пушка, 143 долги зрна, 21 кратко зрно. Извршен бил увид од увидна екипа, а пронајдените предмети се предадени за понатамошна постапка.

СВР Битола поднесе кривична пријава против М.Ј.(76) и Ј.Б.С.(35), двајцата од Битола, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 11.07.2023, полициски службеници извршиле претрес во простории каде престојувале пријавените, при што пронашле и одзеле метамфетамин и МДМА.

С.Е.(48) од село Ростуше, гостиварско, вчера во 19:50 часот пријавил дека околу 18:00 часот во Гостивар во салон за игри на среќа бил физички нападнат од лице вработено како обезбедување на објектот. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Т.М.(44) од Гостивар вчера во 13:00 часот пријавил дека на улицата „Илинденска“ во Гостивар, едно лице со патничко возило „голф караван“ со гостиварски регистарски ознаки, најпрвин удрило во неговото возило, а потоа физички го нападнало и му ја прегазило ногата. Извршен бил увид и се преземаат мерки за расчистување на настанот.

ОВР Кичево поднесе кривична пријава против Д.Ш.(29) од Кичево, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 05.05.2023 во Кичево, полициски службеници извршиле претрес во домот на пријавениот, при што пронашле и одзеле марихуана.  

С.С.(58) од Тетово вчера во 16:00 часот пријавил дека околу 13:30 часот во Тетово, по претходни недоразбирања, бил физички нападнат од А.Б.. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.вј/

Фото: МИА архива

 

 

Тагови

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан