Манчестер Јунајтед на прагот на нов антирекорд во Премиер лигата
- И покрај драматичната победа од 5-4 во продолженијата над Лион во четвртфиналето на Лига Европа, Манчестер Јунајтед се соочува со можност да постави нови непосакувани клупски рекорди на претстојниот домашен натпревар против Вулверхемптон Вандерерс во недела.

Манчестер, 19 април 2025 (МИА) - И покрај драматичната победа од 5-4 во продолженијата над Лион во четвртфиналето на Лига Европа, Манчестер Јунајтед се соочува со можност да постави нови непосакувани клупски рекорди на претстојниот домашен натпревар против Вулверхемптон Вандерерс во недела.
Со 38 бода од 32 натпревари, „црвените ѓаволи“ се на 14. место во поредокот - позиција која не само што исклучува директни европски квалификации, туку и гарантира дека оваа сезона ќе ја завршат со најмал број бодови во историјата на Премиер лигата. Претходното „дно“ беше 58 поени во сезоната 2021/22, но сега е математички невозможно да се достигне или подобри.
Единствена надеж за учество на европските турнири следната сезона останува освојувањето на Лига Европа, каде Јунајтед во полуфиналето ќе се соочи со Атлетик Билбао.
Покрај лошиот пласман, Јунајтед е на пат да постави и нов клупски рекорд за најмногу примени голови во првото полувреме во една сезона. Во тешкиот пораз од Њукасл со 1:4 минатиот викенд, тимот го прими првиот гол во меч по 19-ти пат, израмнувајќи го досегашниот рекорд. Доколку ова се повтори на некој од преостанатите шест натпревари, ќе биде поставено ново негативно достигнување.
Уште позагрижувачки е тоа што тимот веќе претрпе 14 порази - колку минатата сезона под водство на Ерик тен Хаг. Ако примат уште најмалку две, по овој показател ќе се изедначат со најлошата сезона во клупската историја – 16 порази во Првата дивизија во сезоната 1989/90. дс
Фото: Архива