Македонскиот туристички потенцијал презентиран на Саемот за туризам и патување во Тирана
- Саемското претставување во Тирана отвара можности за регионална туристичка и бизнис-поврзаност на земјите од Западен Балкан, како брзорастечки туристички пазар за светските

Охрид, 13 февруари 2025 (МИА) – Македонската туристичка понуда е дел од Саемот за туризам и патувања што се одржува во Тирана, Албанија.
Како што посочуваат од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, саемското претставување отвара можности за регионална туристичка и бизнис-поврзаност на земјите од Западен Балкан, како брзорастечки туристички пазар за светските патувачи.
„Одлично место за промоција и зголемена видливост на дестинациите, кои нудат уникатни идеи за патување. На одржаните состаноци и средбите со туристичкиот сектор на Албанија и регионот, Агенцијата за туризам има можност да формира нови партнерства, да се продлабочи соработката со веќе постоечките, и да се дознае за иновациите, технологиите и стратегиите што го обликуваат туризмот во 2025 година“, стои во објавата од Агенцијата.
Инаку, во фокусот на годинешниот Саем во Албанија е ставен одржливи социо-економски и еколошки напредок.
Со растот на побарувачката за еколошки и културно одговорни патувања, Западниот Балкан е уникатно позициониран да стане водечка дестинација за одржлив туризам.
„За да се постигне ова е потребно зајакнување на партнерствата, промовирање на еколошки иницијативи и зачувување на културата. Потребно е усвојување на глобалните стандарди, усогласени со европските и меѓународните одржливи туристички сертификати со обезбедување поддршка од ЕУ“, додаваат од Агенцијата.аб/са/
Фото: АППТ