• петок, 21 февруари 2025

Македонскиот народен театар прославува 80-ти јубилеен роденден

Македонскиот народен театар прославува 80-ти јубилеен роденден

Скопје, 31 јануари 2025 (МИА) - Македонскиот народен театар го одбележува 80-тиот јубилеен роденден. Од МНТ наведуваат дека нивната приказна која се раскажува и трае веќе осум децении започна да се ткае веднаш по ослободувањето во ноември 1944 година од страна на група истакнати театарски дејци, да се прикажува во декември истата година преку пет едночинки и да се испишува со почетокот на 1945 година: на 3 јануари со вработувањето на 60-те актери и технички, административен и сценски персонал и на 3 април со кревањето на завесата - премиерата на претставата „Платон Кречет“ од Александар Корнејчук, во режија на Димитар Ќостаров, а во превод на Блаже Конески.

- Тоа е приказна која нашите театарски предци со голема љубов, труд и возбуда сите овие години неуморно ја твореа и ја создаваа во националниот театар, а ние, денешните генерации, ја пренесуваме и ја доградуваме за да ја сочуваме вредноста и достоинството во негувањето на културната и националната историја, велат од МНТ.

Во Македонскиот народен театар лани се изведени повеќе од 240 претстави и настани, посетени од над 84.500 гледачи, соопшти денеска МНТ, оценувајќи дека успешно ја завршиле 2019 година.

Македонскиот народен театар, како што посочуваат, денеска работи со веќе постоечкиот уметнички ансамбл, со тенденција за збогатување на нова и млада актерска сила. МНТ ја продолжува приказната и традицијата со креирањето на секој нов процес – проект, како и ширење на меѓународна и културна соработка. Следејќи ја националната стратегија за развој на Министерството за култура и туризам, Македонскиот народен театар ја има неговата голема поддршка како и поддршката од целата јавност.

- Поради тоа, театарот својата благодарност ја искажува со целата креативност, историја, стручност и можности и неговиот исклучителен сјај ќе го продолжи со низа настани во текот на целата година: новите претстави кои следат оваа година, гостувањата на МНТ надвор од својата матична сцена, поинтензивни гостувања низ другите градови во земјата, гостувањата на други театри и културни институции во МНТ, настапи и настани, наведуваат од НУ Македонски народен театар.са/дма/

Фото: МНТ

Остани поврзан