Македонски претставник во раководството на глобалната креативна организација ITOCE
- Претседателот на Унијата на македонските професионални асоцијации во креативните индустрии (УМПАКИ), Кирил Ѓозев, е именуван за копретседател на Првиот президиум на новоформираната Меѓународна трговска организација за креативна економија (International Trade Organization for Creative Economy - ITOCE). Именувањето е во рамките на 6. интернационален форум „Кина - земјите од Централна и Источна Европа“ (CEEC) за културни и креативни индустрии, кој се одржа од 29 до 31 декември 2025 година во Макао, Народна Република Кина.
Скопје, 8 јануари 2026
Претседателот на Унијата на македонските професионални асоцијации во креативните индустрии (УМПАКИ), Кирил Ѓозев, е именуван за копретседател на Првиот президиум на новоформираната Меѓународна трговска организација за креативна економија (International Trade Organization for Creative Economy - ITOCE). Именувањето е во рамките на 6. интернационален форум „Кина - земјите од Централна и Источна Европа“ (CEEC) за културни и креативни индустрии, кој се одржа од 29 до 31 декември 2025 година во Макао, Народна Република Кина.
Форумот, организиран во рамките на Меѓународната конференција за развој на креативната економија и трговијата, обедини владини претставници, водечки експерти, академици и претставници на креативните индустрии од Кина, земјите од Централна и Источна Европа, како и од други региони во светот. Настанот се надоврзува на претходните пет успешно реализирани изданија, одржани во Белград, Пекинг, Лоѓ, Катовице, Будимпешта и Софија, и прерасна во значајна меѓународна платформа за соработка во областа на филмот, аудиовизуелната продукција, дизајнот, анимацијата, гејмингот и културната трговија.

Меѓународната трговска организација за креативна економија (ITOCE) беше официјално инаугурирана како невладина и непрофитна меѓународна организација, со мисија да промовира отворени, инклузивни, правични и ефикасни глобални системи за развој на креативната економија и меѓународната трговија.
Президиумот на ITOCE е составен од меѓународно признати професионалци со значајно искуство и влијание во областа на креативната економија и прекуграничната соработка. Како копретседател на Првиот президиум, Ѓозев ќе придонесува кон дефинирање на стратешките приоритети, јакнење на меѓународниот политички дијалог и поддршка на интеграцијата на креативните претпријатија на глобалните пазари.
- Ова го доживувам како признание за колективната работа и растечкиот кредибилитет на креативните индустрии во Северна Македонија. УМПАКИ континуирано се залага за посилно меѓународно позиционирање, правичен пристап до пазари и одржливи политички рамки за креативните професионалци. Учеството во раководството на новоформирана глобална организација како ITOCE, инаугурирана во рамките на 6-. интернационале форум „Кина - CEEC“, создава конкретна можност за поврзување на нашите локални и регионални креативни екосистеми со глобалните процеси, пазари и политики. Нашиот фокус останува насочен кон тоа креативните индустрии да бидат не само културно релевантни туку и економски одржливи и меѓународно конкурентни - изјави Ѓозев.
Во текот на форумот Ѓозев активно учествуваше со тематски говор на сесија посветена на глобалните искуства во развојот на креативната економија, при што ги претстави перспективите од Северна Македонија и Југоисточна Европа, заедно со високи претставници од Кина, земјите од Централна и Источна Европа и меѓународни институции.
За време на високото инаугуративно заседание, на Ѓозев и на другите членови на президиумот им беа врачени сертификати за именување, со што официјално беше потврдена неговата улога како копретседател на Првиот президиум на ITOCE - едно од највисоките управувачки тела на организацијата.
Учеството на македонски претставник во раководната структура на новоформирана глобална организација, инаугурирана на еден од најзначајните форуми „Кина - CEEC“ за креативна економија, претставува значајна стратешка придобивка за секторот и дополнително ја позиционира Северна Македонија во меѓународниот дијалог и соработка во областа на креативната економија.
Унија на македонските професионални асоцијации во креативните индустрии (УМПАКИ)