• сабота, 22 февруари 2025

Лидерот на СИРИЗА бара итна парламентарна седница за железничката несреќа кај Темпи

Лидерот на СИРИЗА бара итна парламентарна седница за железничката несреќа кај Темпи

Атина, 3 февруари 2025 (МИА) – Преку нов допис до претседателот на Парламентот, лидерот на СИРИЗА Сократис Фамелос бара итно одржување седница во Парламентот за железничката несреќа кај Темпи што се случи пред речиси две години, откако минатата седмица грчката опозициска партија достави соодветно барање со кое го повика премиерот Кирјакос Мицотакис да даде одговори и објаснувања за трагедијата, јави дописничката на МИА од Атина.

Од СИРИЗА соопштија дека пратеничката група очекува итен одговор на нивното барање, „со оглед на тоа што веќе помина една седмица од поднесувањето, а расправата не е ниту ставена на дневен ред во Парламентот“, иако како што велат, на виделина излегоа нови шокантни откритија за околностите на несреќата.

- Општеството мора да биде информирано и господинот Мицотакис треба да одговара. Мора да дојде во Парламентот и да го почитува собранискиот деловник, наместо да продолжи да се крие, соопштија од СИРИЗА.

Минатата седмица доставија барање до Парламентот за одржување специјална расправа, а лидерот на партијата рече дека „Владата со своите постапки и пропусти води кон прикривање на криминалот, а во исто време се обидува да го спречи кривичното гонење на политичките личности“ и посочува дека „општеството бара правда и транспарентност и целосно расчистување на околностите околу несреќата“.

Железничката несреќа кај Темпи во централна Грција се случи на 28 февруари 2023 година при директен судир на товарен и патнички воз и животот го загубија 57 лица, а според извештајот на експертот ангажиран од семејствата на жртвите Василис Кокоцакис, дел од загинатите, околу 30 лица го преживеале сударот на патничкиот со товарниот воз, но загинале од запаливите течности, по експлозијата што предизвикала недостаток на кислород.

Поради овие нови информации од истрагата, минатата седмица се одржаа масовни протести во Атина, Солун и речиси сите други грчки градови, но и во странство. ср/сд/

Остани поврзан