Лидерот на ПКК, Абдула Оџалан, деновиве од затвор ќе се произнесе за решение на курдското прашање
- Копретседателот на партијата ДЕМ, Туњер Бакирхан, денеска изјави дека повикот ќе биде во следните неколку дена, а дека Курдите се „подготвени за трајно и радикално решение“, пренесуваат британските медиуми.

Анкара, 4 февруари 2025 (МИА) - Турската прокурдска партија ДЕМ денеска објави дека Абдула Оџалан, затворениот лидер на милитантната Курдистанска работничка партија (ПКК), наскоро ќе упати „историски повик“ насочен кон решавање на курдското прашање.
Копретседателот на партијата ДЕМ, Туњер Бакирхан, денеска изјави дека повикот ќе биде во следните неколку дена, а дека Курдите се „подготвени за трајно и радикално решение“, пренесуваат британските медиуми.
Турските медиуми објавија дека како можен датум за објавата Оџалан може да го избере 15 февруари, годишнината од неговото апсење во Кенија во 1999 година.
Владата на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ја поддржа понудата дадена во октомври од Девлет Бахчели, лидер на националистичката партија МХП и клучен сојузник на Ердоган, дека Оџалан ја повика ПКК да се разоружа.
Бахчели тогаш рече дека нема потреба од нов мировен процес, велејќи дека ПКК треба безусловно да им се предаде на турските власти, но и додаде дека Оџалан има право „да се надева“ на ослободување од затвор.
Курдистанската работничка партија (ПКК), прогласена за терористичка група од Турција, САД и Европската Унија, во 1984 година крена бунт против турската држава со цел да создаде етничка татковина за Курдите.
Мировните преговори меѓу Анкара и ПКК пропаднаа во 2015 година, што доведе до продолжување на конфликтот, во кој досега загинаа над 40.000 лица.сд/
фото:МИА архива